Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 ставовите 4 и 5 од Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80 и 36/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Симо Јовановски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се утврдувала надлежност на судот да одлучува за делба на заеднички предмет, кога сосопствениците не можеле тоа спогодбено да го направата, со што се ограничувало правото на сопственост и правото на наследување, а што било во несогласност со член 30 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 4 на член 16 од Законот, сосопствениците спогодбено го определуваат начинот на делба на предметот, а во случај да не може да се постигне спогодба, одлучува судот, а според ставот 5 на овој член, судот ќе одлучи да се изврши делба со продажба на предметот ако физичка делба не е можна или е можна само со значително намалување на вредноста на предметот.
4. Според член 8 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според мислењето на Судот, сосопственоста, како посебен правен институт, не значи ограничување на сопственоста и правата што произлегуваат од неа, туку уредување на заемните односи на сосопствениците во услови на еднаквост на правото. Притоа, поаѓајќи од општата презумпција дека нема право без обврска, изразено и во ставот 2 на член 30 од Уставот, се смета дека евентуалната колизија, односно конкуренција на правата над ист предмет, не значи и нивна негација, туку овозможување на повисока корист од предметот на сосопственост за сите сосопственици. Во таа смисла, интервенцијата на судот да одлучи за начинот на делба на неподелен заеднички предмет, кога тоа спогодбено не можат да го направат самите сосопственици и тој да одлучи да се изврши делба со продажба на предметот само ако физичката делба не е можна или, пак, тоа е можно но тогаш значително би се намалила вредноста на предметот, не значи ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, туку на тој начин се обезбедува правна заштита на сопственоста, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 16 ставовите 4 и 5 од Законот за основните сопственосноправни односи со член 30 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.