2/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 77 од Законот за поштенски, телеграфски и телефонски услуги (“Службен лист на СФРЈ” бр.2/86 и 26/90).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието за поштенски, телеграфски и телефонски сообраќај “Македонија” Ц.О.-Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 77 од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со примената на оваа одлука телефонските претплатници остварувале одредени права од подрачјето на поранешната СФРЈ што не било во согласност со член 1 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорената одредба од Законот, ако телефонски претплатник се пресели во друг стан или деловна просторија, на територијата на иста или на друга ПТТ организација, може писмено да бара од ПТТ организацијата од чие подрачје се преселил, да се изврши приклучување на неговиот телефонски уред на ПТТ мрежа. Телефонскиот претплатник, кој барањето за преселување на телефонскиот уред и го поднесува на друга ПТТ организација, го докажува својот поранешен статус на телефонски претплатник со договорот за засновање на телефонски претплатнички однос и со последната сметка за ПТТ услуги или со потврда на ПТТ организација дека бил телефонски претплатник. Ако ПТТ организација на која и е поднесено барање за преселување на телефонски уред, нема технички можности телефонскиот уред веднаш да го приклучи на ПТТ мрежа, писмено го известува телефонскиот претплатник дека неговиот претплатнички однос мирува додека не се создаде техничка можност за приклучување на неговиот телефонски уред на ПТТ мрежа. За време на мирувањето на претплатничкиот однос, претплатникот не плаќа претплата.

4. Според член 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Според член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот.

Според мислењето на Судот, поаѓајќи од овие одредби на Уставот и Уставниот закон, оспорената одредба од Законот за ПТТ сообраќај по осамостојувањето на Република Македонија може да се применува на односите кои настанале или ќе настанат само во рамките на Република Македонија, како самостојно и единствено поштенско подрачје, освен ако не е склучен договор за меѓусебните односи со некоја од републиките на бившата СФРЈ во смисла на член 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот. Според тоа, правото да се бара преселување на телефонски приклучок од еден во друг стан или подрачје предвидено со оспорената одредба од Закконот треба да се сфати дека се однесува само на територијата на Република Македонија, а не и на територијата на бившата СФРЈ. Дотолку повеќе што под ПТТ мрежа се подразбира само мрежата на територијата на Република Македонија што произлегува од член 1 од Уставот.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба се уредуваат односи помеѓу ПТТ организацијата и телефонскиот претплатник во случај на преселување на телефонскиот приклучок само на територијата на Република Македонија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.