Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 114 став 2 и член 117 став 1 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив на поинаков начин се уредувале прашањата за присилно порамнување, стечај и ликвидација, за правото на жалба против решенијата за отварање на стечајна постапка и прашањето за правните последици од отворањето на стечајната постапка, за разлика како овие прашања биле уредени со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација, Законот за процесната постапка и Законот за редовните судови, што не било во согласност со член 8 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за банките и штедилниците се уредува основањето и работењето на банките и штедилниците и условите и постапката на предсанација, санација, стечај и ликвидација на банките и штедилниците.
Во оспорениот член 114 став 2 од Законот е предвидено против решението за поведување на стечајна постапка да може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија, а во оспорениот член 117 став 1 е предвидено дека правните последици од воведувањето на стечајната постапка настануваат со денот кога на банката или штедилницата ќе и се достави решението на судот за поведување на стечајна постапка.
Судот утврди дека Уставот не содржи одредби за статусот на стопанските субјекти и за банките како посебен вид финансиски организации, освен за Народната банка како емисиона банка, така што статусот и положбата на стопанските и другите субјекти се уредуваат со закон или со други акти, и единствени уставни ограничувања кои мора да се почитуваат при уредувањето на правната положба на стопанските субјекти се принципите утврдени во член 55 од Уставот, според кој Републиката е должна да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, како и принципите што важат за управување и одлучување утврдени во член 58 од Уставот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не постои уставна пречка со посебни закони да се уреди правниот статус и положба на одделни правни субјекти, па во таа смисла и да се донесе посебен закон за банките како посебен вид на правни лица кои вршат дејност заради остварување на добивка врз посебни принципи и начела, како што се начелата на ликвидност, сигурност и рентабилност. Исто така, Судот оцени дека не постои уставна пречка со закон да се утврдат одделни специфичности и посебен статус на одделни стопански субјекти, па и во поглед на стечајот и стечајната постапка, водејќи при тоа сметка да не се повредува принципот за еднаква правна положба на пазарот и да не се овозможи монополско однесување на пазарот.
Според мислењето на Судот, со оспорените одредби не се создава нееднаква правна положба на субјектите на пазарот, поради што утврди дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, а дали оспорените законски одредби не се во согласност со одредбите на други закони, оцени дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.