41/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 7, 8, 9 и 10 од Законот за шрајк (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Васко Костески од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се вршело дополнително ограничување на уставното право на штрајк според кое со закон можело да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк само со вооружените сили, полицијата и органите на управата, односно не биле во согласност со членот 38 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека согласно членот 7 од Законот, правото на штрајк на работниците во организациите и кај работодавците кои вршат дејност или работи од посебен општествен интерес утврдени со закон, или со одлука на собранието на општествено-политичката заедница заснована врз закон и во организациите од посебно значење за народната одбрана, утврдени со одлука на надлежниот орган во согласност со закон, може да се оствари само под условот да се обезбеди: 1) минимум на процесот на работата кој обезбедува сигурност на луѓето и имотот или се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните или за работа на други организации; 2) извршување на меѓународни обврски. Со закон или со одлука на собранието на општествено-политичката заедница заснована врз закон се утврдуваат начинот на обезбедување на условите од став 1 на овој член. Со општ акт односно со колективен договор, во согласност со закон, се утврдуваат работите и задачите од став 1 на овој член и начинот на нивното извршување, за време на штрајкот.

Според член 8 од Законот, во дејностите од член 7 став 1 на овој Закон, штрајкот им се најавува на органот на управување и на работоводниот орган односно на работодавачот, на синдикатот, ако синдикатот не е организатор на штрајкот, и на надлежниот орган на општествено-политичката заедница најдоцна десет дена пред почетокот на штрајкот со доставување на одлуката за стапување во штрајк и изјавата за начинот на обезбедување минимум на процесот на работата, во согласност со член 7 од овој Закон.

Членот 9 од Законот утврдува дека во организациите или кај работодавачот кои вршат дејности од член 7 став 1 на овој Закон, штрајкувачкиот одбор, претставниците на органот на управување и на работоводниот орган во организацијата односно кај работодавачот и претставниците на општествено-политичката заедница, покрај обврските од член 4 на овој Закон, се должни во периодот од најавата на штрајкот до денот определен за почеток на штрајкот да понудат предлог за решавање на спорот и со тој предлог да ги запознаат работниците што го најавиле штрајкот и јавноста.

Согласно член 10 од Законот, штрајкувачкиот одбор е должен за време на штрајкот да соработува со работоводниот орган на организацијата односно со работодавачот заради обезбедување минимум на процесот на работата од член 7 на овој Закон. Работниците што вршат работи и задачи од член 7 став 2 на овој Закон се должни за време на штрајкот да ги извршуваат налозите на работоводниот орган односно на работодавачот.

4. Со член 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Со оваа одредба Уставот го гарантира правото на штрајк како едно од основните економски и социјални права на човекот и граѓанинот, при што утврдил дека со закон можат да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Судот смета дека Уставот не ја исклучува можноста со закон да се уреди начинот на остварувањето на одделни слободи и права, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите слободи и права. Во таа смисла Судот оцени дека не постои уставна пречка со закон да се уреди начинот на остварувањето на правото на штрајк односно начинот на однесувањето на субјектите во остварувањето на ова уставно гарантирано право, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување не само на правото на штрајк туку и на другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Уставот, имено, особено внимание им посветува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот при што прецизно се дефинирани како граѓанските и политичките слободи и права, така и економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот.

Од тука произлегува дека правото на штрајк не смее да се остварува на начин кој би можел да го доведе во опасност остварувањето на другите со Устав гарантирани права, односно правото на штрајк не може да се третира како апсолутно и најзначајно уставно право, без да се води сметка за остварувањето на другите со Устав гарантирани права на човекот и граѓанинот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот не се ограничува уставното право на штрајк туку само се уредуваат правилата на однесување на учесниците во штрајкот и условите под кои работниците можат да го остваруваат ова право во организациите и кај работодавачите што вршат дејност или работа од општ интерес или од значење за народната одбрана утврдени со закон или со одлука заснована врз закон, со цел да не се доведе во опасност минимумот на процесот на работата кој обезбедува сигурност на луѓето и имотот, или се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работа на други организации како и заради извршување на меѓународни обврски.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.