263/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на дел од Урбанистичкиот план (план за реализација) на Град Струмица за блок бр.4, донесен од Собранието на Општина Струмица на 24 февруари 1984 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Киро Гоцев и Иван Гоцев му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што неа било одземено дел од земјиштето што и припаѓало на КП.бр.4969 заради дооформување на џеб во широчина од 5 м. без да се одр`и јавен увид и јавна расправа, што Деталниот урбанистички план не бил усогласен со Основниот урбанистички план и што биле донесени решенија за експропријација и за одземање право на владение на недвижен имот на поранешните сопственици на КП.бр.4969 иако членовите 2, 15, 16 и 34 став 1 од Законот за експропријација престанале да важат по Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.21/93 од 15 септември 1993 година.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука е извршена измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на Градот Струмица за блок 4 оформен од улиците “Маршал Тито”, “Крушевска Република”, “Киро Абрашев” и “Димитар Цветанов”. Притоа, во фазата на нацрт, планот бил изложен на јавен увид во просториите на месната заедница од 30 август 1983 година до 15 септември 1983 година.

4. Согласно член 30 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање – пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.20/78), кој важел во време на донесувањето на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови во сите фази на изработувањето се ставаат на јавен увид и се организира јавна расправа. Согласно член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 118/89), со кој престанал да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање просторниот и урбанистичкиот план, исто така, задолжително се ставаат во фазата на нацрт план на јавен увид и јавна расправа. Според член 31 став 2 од Законот за измени и дополненија на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, а според став 4 на истиот член од Законот, јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветната просторија на месната заедница. Забелешките на граѓаните и другите заинтересирани лица се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена по завршувањето на јавната расправа.

Од наведените законски одредби произлегува дека и во време на донесувањето на оспорената одлука како и со важењето на новите прописи, урбанистичките планови во фазата на нацрт план задолжително се ставаат на јавна расправа.

Со оглед на тоа што за донесувањето на оспорената одлука е одржана јавна расправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со закон.

Во врска со прашањето за меѓусебната усогласеност на Основниот и Деталниот урбанистички план, како и во поглед на прашањето дека се донесени решенија за експропријација на недвижен имот и за одземање од владение, Судот согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.