У.бр.14/1994

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јуни 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 5 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 9 став 5 од Законот, означен во точката 1 на ова решение, затоа што не бил во согласност со уставното начело за правото на работа и секому, под еднакви услови да му е достапно секое работно место утврдено во член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија и со гаранциите за слободата на пазарот и претприемаштвото утврдени во членот 55 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од Законот, за итни и неодложни работи чие вршење не трпи одлагање, до спроведување постапка за избор по пат на оглас, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето.

4. Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Од наведената уставна одредба произлегува дека правото на работа и достапноста на работното место, на секој граѓанин под еднакви услови, е едно од основните права на граѓанинот кое претставува битна гаранција за негова економска и социјална сигурност. Меѓутоа, според мислењето на Судот оваа уставна гаранција не значи и негово автоматско остварување, туку само ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари во дадени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 9 од Законот за работните односи, одлука за потребата од засновање на работен однос донесува работодавецот или органот што тој ќе го определи. Работодавецот е должен потребите од работници, условите што треба да ги исполнува работникот и рокот во кој ќе се врши изборот да ги огласи јавно. Пред објавување на огласот, работодавецот доставува пријава за потребите од работници до службата надлежна за посредување при вработувањето.

Од изнесената законска одредба произлегува дека работодавецот или органот определен од него, одлучува за засновање на работен однос. Потребите од работници, условите што треба да ги исполнува работникот и рокот во кој треба да се изврши изборот е должен да ги огласи јавно. Меѓутоа, оспорената одредба од Законот допушта за итни и неодложни работи, до спроведување на постапкта за избор по пат на оглас, работен однос да може да се заснова и без јавно огласување. Притоа неопходно е посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето.

Според мислењето на Судот, оспорената одредба не го исклучува јавното огласување за потребите од вработување затоа што и од самата одредба несомнено произлегува дека за итни и неодложни работи чие вршење не трпи одлагање зависно од процесот на работењето, допуштено е засновање работен однос до 30 дена и тоа само додека трае спроведувањето на постапката за избор по пат на јавно огласување, а тоа значи дека работодавецот потребата од работници и рокот во кој ќе се врши изборот на работници веќе ги огласил јавно.

Исто така, според мислењето на Судот, посредувањето на службата надлежна за посредување при вработување не значи обврска за работодавецот да заснова работен однос со лице што ќе го определи оваа служба, туку обврска да заснова работен однос со лице што е евидентирано како невработено. Притоа, работодавецот не е ограничен изборот на работникот да го изврши според потребите на процесот на работењето.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.