Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 април 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување проширена локација за изградба на повеќенаменски објект “МК Доналдс”, донесена од Собранието на Општината Центар на 31 март 1992 година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.4/92).
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Град Скопје”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од воената установа “Вардар” од Скопје, со решение У.бр.253/93 од 22 декември 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
По донесувањето на решението за поведување постапка, а пред одржувањето на јавната расправа, Воената установа “Вардар” го извести Судот дека иако како иницијатор на постапката фигурира установата, подносителите на иницијативата се дел од вработените како група граѓани, поради што таа иницијатива како иницијатива на Воената установа “Вардар” ја повлекува.
Во меѓувреме, Извршниот одбор на Собранитето на Град Скопје и политичката партија ВМРО-ОБЕДИНЕТА од Скопје, поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, поради тоа што не била во согласност со членот 52 став 1 од Уставот и со членовите 31, 37 и 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, како и со законските одредби што се однесуваат на надлежноста за донесување на урбанистичките планови.
Имајќи го предвид изнесеното, како и член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој секој може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, Судот оцени дека околноста што подносители на иницијативата биле група вработени, а не установата, не е процесна пречка за натамошно водење на постапката, дотолку повеќе што за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука се поднесени уште две иницијативи.
5. На јавната расправа одржана на 10 и 28 февруари 1994 година, претставниците на подносителите на иницијативите Извршниот одбор на Собранието на Град Скопје и на политичката партија ВМРО-ОБЕДИНЕТА останаа при наводите содржани во иницијативите и побараа Судот да ја поништи оспорената одлука. Притоа, наведоа дека оспорената одлука влегла во сила со денот на донесувањето односно на 31 март 1992 година, а била објавена во “Службен гласник на Град Скопје” на 23 април 1992 година, што не било во согласност со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Понатаму, наведоа дека Собранието на Општина Центар со оспорената одлука врши всушност измена и дополнување на урбанистичкиот план без спроведена постапка пропишана со закон, поради што не била во согласност со членовите 31 и 37 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Во однос на членот 54 од Законот, истакнаа дека тој не може да претставува правна основа за вршење на измени и дополнување на постојниот план, туку може да биде само основа за определување на елементи за утврдување услови за градба за објекти што се предвидени со урбанистички план, што не било во случај со оспорената одлука. Тие, исто така, сметаат дека за донесување, како и за измени и дополнување на урбанистичките планови е надлежно Собранието на Град Скопје, а не собранијата на општините.
Претставниците на Собранието на Општина Центар изнесоа стојалиште според кое членот 52 став 1 од Уставот не се однесувал на влегувањето во сила на одлуките на собранијата на општините и на другите органи на локалната самоуправа. Понатаму, тие изнесоа став дека во конкретникот случај не се работело за редовна постапка за изменување и дополнување на урбанистичкиот план, туку за исклучок предвиден со член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање кој, под одредени услови, доставувал издавање локација за изградба на јавни, општествени или стопански објекти од страна на Владата на Република Македонија односно на собранието на општината. Во конкретниот случај не било спорно дека постоел урбанистички план за централното подрачје на Град Скопје што ја опфаќал и спорната локација, меѓутоа, исто така, не било спорно дека во тој план не биле содр`ани елементи за утврдување на условите за градба на спорната локација. Во врска со наводите во иницијативите за ненадлежноста на Собранието на Општината да ја донесе оспорената одлука, тие изнесоа мислење дека според Законот, Собранието на Општината било овластено да ја донесе оспорената одлука, бидејќи кога се утврдува надлежност на Собранието на Град Скопје, тоа со законите изрично се нагласува.
Претставниците на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија истакнаа дека ова Министерство дало согласност на оспорената одлука во време кога Собранието на Град Скопје не функционирало, а за надминување на отежнатата реализација на урбанистичките планови како едно од можните решенија било донесувањето на оваа одлука од страна на Собранието на Општината Центар. Понатаму, тие укажаа дека според документацијата, од графичките прилози кои биле заверени и потпишани, не можело да се види што точно било предвидено на спорниот простор, иако имало нацртано површини во форма на квадрат и помали правоаголни површини, кои би можеле да упатуваат на тоа дека било предвидено нешто да се гради, но без какви и да било услови за градба (градежни линии, намена на објектот, катност). Тие известија дека била во тек постапката за измена на деталниот урбанистички план за централното градско подрачје, во кој се предвидува и изградба на повеќенаменскиот објект на локацијата определена со оспорената одлука.
Претставниците на АД “Алумина”, како инвеститор на објектот што е предвиден да се гради на спорниот простор, ги истакнаа значењето на објектот за градот и економските причини и оправданоста за неговата изградба, поддржувајќи ги притоа изнесените ставови од претставниците на доносителот на оспорената одлука – Собранието на Општина Центар.
6. На седницата Судот утврди дека со членот 1 од Одлуката се проширува локацијата за изградба на повеќенаменски објект “Мк Доналдс” на улица “Маршал Тито”, локација бр.73/91-П+5. Според членот 2 составен дел на Одлуката е графичкиот приказ на проширената локација кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – Подрачна единца Центар – Скопје.
Судот утврди дека во навеадниот дел од Одлуката, како основ за нејзиното донесување е наведен член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
Понатаму, Судот утврди дека според Деталниот урбанистички план од 1967 година, на просторот ју`но од Домот на АРМ е предвидена изградба на стоковна куќа П+2 ката со определени граници на локацијата. Врз основа на овој детален урбанистички план, на 20 јуни 1991 година од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија била издадена локација на “Алумина” АД – Скопје за изградба на стоковна куќа со ресторант и придружни простории, со констатација дека објектот е предвиден со Деталниот урбанистички план.
Со оглед на тоа што со предвидената стоковна куќа се негирале киното “Култура”, станбениот објект и улицата “Луј Пастер”, што било неприфатливо од аспект на сочувувањена градителското наследство и на современите сфаќања на просторот, Министерството предложило локацијата да се реализира во фази. Првата фаза опфаќала интерполиран објект меѓу киното “Култура” и киното “Вардар” и објект со триаголна форма пред Домот на АРМ, со вкупна површина од околу 4.000м2. Меѓутоа, бидејќи триаголниот објект како самостоечки бил непримерен за просторот во парковското зеленило, била прифатена иницијативата на “Алумина” АД за просторот да се распише јавен анкетен конкурс. Како синтеза на сите пријавени трудови било изготвено проширување на порано утврдената локација.
“Алумина” АД побарала проширување на локацијата на просторот пред Домот на АРМ и по тој повод Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на 21 февруари 1992 година ја известила дека го поддржува тоа барање, со истовремено укажување дека за задоволување на барањето е потребно да се изврши дополнување на постојниот Детален урбанистички план во граници на просторот опфатен со конкурсот, за што било надлежно Собранието на град Скопје, па барањето, како иницијатива за дополнување на планот, било препратено до Градскиот комитет за урбанизам.
На 24 март 1992 година бил склучен договор меѓу “Алумина” АД, како нарачател и Заводот за урбанизам и архитектура “Скопје” во Скопје, како извршител, за изработка на Детален урбанистички план за дел од централното градско подрачје на Скопје со површина од 2,1ха. Од оваа организација бил подготвен Детален урбанистички план – измени и дополнувања за централното градско подрачје, во кој се констатира дека локацијата што е предмет на измена на Деталниот урбанистички план е слободна, воглавно партерно обработена – зелен скверови, жардиниери и поплочени пешачки платформи пред Домот на АРМ – решени во две нивоа.
Судот, понатаму, утврди дека поради нефункционирање на Собранието на Град Скопје во тој период, а заради поитна реализација на локацијата, натамошните активности околу проширувањето на локацијата биле насочени кон Собранието на Општина Центар и со пимена на член 54 од Законот, а не на неговите одредби што се однесуваат на изменување и дополнување на урбанистичкиот план.
7. Согласно член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Со член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) се пропишува дека со планирањето на просторот се обезбедува планско и рационално користење и уредување на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и уредување на човековата околина.
Според член 10 став 1 и 2 од Законот, просторното и урбанистичкото планирање е единствен и континуиран процес усогласен со развојната и економската политика на Републиката, а заради остварување на политиката на просторниот развој, Републиката донесува програма за изготвување и донесување на просторни и урбанистички планови, односно за нивно изменување и дополнување во среднорочниот период.
Условите за уредување и користење на просторот и за изградба на населените места, согласно член 12 став 1 од Законот, се уредуваат во просторниот и урбанистичкиот план, а со урбанистичкиот план, согласно член 18 став 1 од Законот, се уредува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објектите и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определени плански период.
Согласно член 31 од Законот, урбанистичкиот план се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план. Нацртот на урбанистижкиот план задолжително се става на јавна расправа која ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа за урбанистички план се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Во основа на прифатените забелешки од јавната расправа се подготвува предлог на план.
Според член 31-а од Законот, на нацртот на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија од научно истражувачка организација или претпријатие. Претпријатието што го изработува урбанистичкиот план не може да врши стручна ревизија на тој план.
Со членот 33 од Законот, се пропишува дека органот на управата надлежен за урбанизам му доставува на собранието на општината, предлог на урбанистички план заедно со извештајот од јавната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Според член 37 од Законот, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивното донесување.
Во член 54 од Законот се пропишува дека за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење. Општиот акт се донесува по претходно издадена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.
Од изнесеното произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот, собранието на општината може да го користи само ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Според тоа и оваа законска одредба е во функција на планското уредување на просторот како основна цел на Законот, односно со неа се обезбедува реализација на урбанистичките планови во случаи кога во нив не се содржани елементи за определување услови за градба, врз основа на кои надлежните органи ги издаваат решенијата за локација, а не може да претставува правна основа за нивно изменување и дополнување поради нефункционалност, застареност на плановите или од други причини.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека постои Детален урбанистички план кој содржи елементи за утврдување услови за градба на деловниот објект – стоковна куќа и врз основа на кои услови од страна на надлежниот управен орган била издадена локација за негова изградба. Судот, исто така, утврди дека просторот на проширената локација е урбанистички уреден и претставува слободен пешачки простор со соодветни партерн и решенија. Затоа, проширувањето на локацијата извршено со оспорената одлука и на просторот пред Домот на АРМ, според мислењето на Судот, не претставува утврдување елементи за определување услови за градба за предвидениот деловен објект, бидејќи тие се веќе утврдени со планот, туку значи пренамена на просторот односно предвидување изградба на сосема друг објект непредвиден на тој простор со урбанистичкиот план. Според тоа, со оспорената одлука се врши изменување и дополнување на постојниот урбанистички план, при што не била почитувана пропишаната постпка со Законот. Со оглед на тоа што оваа постапка е облигаторна, нејзиното непочитување претставува повреда на Законот, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со членовите 31, 37 и 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
8. Во врска со наводите во иницијативата дека Собранието на Општина Центар не било надлежно да ја донесе оспорената одлука, Судот оцени дека Собранието на општината, согласно членот 54 од означениот закон, е овластено да донесе општ акт доколку се исполнети законските услови односно доколку урбанистичкиот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Меѓутоа, со оглед на тоа што Судот утврди дека со оспорената одлука не се утврдуваат елементи за определување услови за градба, туку се врши измена и дополнување на урбанистичкиот план, таква одлука можел да донесе само органот што го донел урбанистичкиот план.
9. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека со поништувањето на оспорената одлука во целост, нејзиното оценување од аспект на објавувањето и влегувањето во сила е безпредметно.
10. Судот ја укина привремената мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, со оглед дека донесе одлука за нејзино поништување.
11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука
12. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев