Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 април 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Извештајот на вешто лице и Прегледната скица, составен дел на Извештајот по предметот П.бр.592/93 на Општинскиот суд во Битола, и за поведување постапка за заштита на слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Симеон Јаноски од Битола му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение и за поведување постапка за заштита на слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија, затоа што не биле во согласност со членовите 44, 45 и 46 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91), со член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90) и со член 80 став 4 од Законот за премер и катастар и запишување на правата на недвижности (“Службен весник на СРМ” бр.37/86 и 17/91) и што ги повредувале слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за законитоста на оспорените акти, затоа што тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот.
4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална и социјална и политичка припадност.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорените акти е утврдена фактичка состојба по конкретен имотно-правен спор, а не се одлучува за слободи и права во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по овој дел од иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.