45/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за бројот и составот на претставници на општинската заедница кои учествуваат во одлучувањето во Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово, донесена од Собранието на Општина Берово на 27 јануари 1994 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на:
а) Одлуката за распишување избори на членови на Работничкиот совет во Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово;

б) Решението за разрешување и именување на претставници на општествената заедница во Работничкиот совет на Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово;

в) Решението за разрешување и именување на членови на општествената заедница во надзорниот одбор во Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово; и

г) Решението за разрешување и именување на претставници на општествената заедница во Конкурсната комисија за утврдување предлог за именување на индивидуален работоводен орган во Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово, сите донесени од Собранието на Општина Берово во 1994 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, јавното претпријатие “Услуга” во Берово, преку полномошникот адвокат Златко Биковски од Берово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што не постоел уставен и законски основ претставниците на општествената заедница да учествуваат во работењето и одлучувањето во работничкиот совет и другите органи на јавното претпријатие.

4. На седницата Судот утврди дека со одлуката означена во точката 1 од ова решение се утврдува бројот, составот и начинот на изборот на претставниците на општествената заедница кои учествуват во органите на одлучување и управување во Јавното претпријатие за комунални работи “Услуга” во Берово, за работите утврдени со закон и други подзаконски акти, кои ги именува Собранието на Општина Берово.

5. Според член 24-а став 1 и 2 од Законот за претпријатијата (Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90, 61/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/93), јавните претпријатија се основаат заради производство и промет на определени производи и вршење на услуги кои се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните или за работа на други претпријатија на определено подрачје или ако е тоа неопходно за работа на органите на општествено-политичка заедница. Според ставот 3 на овој член, собранието на општествено-политичката заедница ги пропишува условите што мора да ги исполнува претпријатието заради вршење на работи од став 2 на овој член односно дел од претпријатието што ги врши тие работи. Според ставот 4 на овој член, начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на дејностите или работите во јавното претпријатие се уредуваат со прописот од став 3 на овој член.

Според член 24-б од Законот, одредбите на овој закон за претпријатието во општествена сопственост, претпријатието во мешовита сопственост односно приватна сопственост, сообразно се применуваат и на јавните претпријатија.

Поаѓајќи од содржината на ставовите 3 и 4 на член 24-а од Законот, начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес е предмет на уредување на посебен закон со кој поблиску се уредуваат овие односи.

Според членовите 8 и 9 од Законот за работењето и управувањето со организациите на здружен труд што вршат комунални дејности (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), посебниот општествен интерес во вршењето на комуналните дејности се обезбедува, покрај другото, и преку претставници на општествената заедница во управувањето со комуналната организација кога се одлучува за основните намени за користење на средствата, програмите за развој и основните услови за здобивање со доходот и работењето, именувањето и разрешувањето на работоводниот орган, како и донесувањето на статутот, финансискиот план за статусните промени. Според член 10 од овој закон, одлуките на органот на управувањето на комуналната организација се донесуваат со мнозинство гласови на претставниците на општествената заедница и мнозинство гласови на членовите на комуналната организација.

Од означените законски одредби, исто така, произлегува дека еден од субјектите кои учествуваат во управувањето на комуналната организација е и општината, преку свои претставници во органот на управувањето на јавното претпријатие, односно комуналната организација.

Со оглед на тоа што со одлуката означена во точката 1 од ова решение е утврден бројот на претставниците на општината кои учествуваат во управувањето и одлучувањето во јавното претпријатие, со што се обезбедува законската обврска на општината да учествува во остварувањето на посебниот општествен интерес во комуналната организација, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби.

6. На седницата Судот утврди дека одлуката и решенијата означени во точката 2 од ова решение не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.

Во поглед на наводот од иницијативата дека оспорените акти не се во согласност со член 96 и член 100 став 3 од Уставот на Република Македонија и со членот 124 од Законот за органите на управата, Судот утврди дека со тие одредби се уредуваат прашања што се однесуваат на државната управа односно на вршењето на судската функција, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Што се однесува на согласноста на оваа одлука со член 47 став 2 од Законот за претпријатија, Судот, исто така, оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означениот член од овој закон, бидејќи прашањето за управувањето со комуналните организации е уредено со споменатиот посебен закон.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.