92/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 11 од Правилникот за регистрација на возилата на Министерството за внатрешни работи, донесен од министерот за внатрешни работи на 11 мај 1993 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата од поранешната политичка партија “Илинден-слободни демократи”, со Решение У.бр.92/93 од 29 декември 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на членот 11 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека според членот 11 став 1 од Правилникот, службените возила на Министерството за внатрешни работи наместо регистарска таблица на предната страна имаат таблица со бела боја на која со сини букви е испишана ознаката ПОЛИЦИЈА на латинично писмо, а регистарската таблица на задната страна од возилото содржи два троцифрени броеви помеѓу кои е поставен амблем на полицијата на Република Македонија.

5. Според член 7 став 1 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел на внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со членовите 35 и 36 од Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата, прифатена со Одлука на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/93), се утврдени содржината на исправите за регистрација на возилата во меѓународниот сообраќај, изгледот и поставувањето на регистарскиот број и знакот за распознавање на државата во која е регистрирано возилото. Начинот на составувањето на регистарскиот број, поконкретно е утврден во ПРИЛОГ 2, точка 1 од оваа конвенција, во кој е утврдено дека: “Регистарскиот број споменат во членовите 35 и 36 од Конвенцијата треба да биде составен од броеви или од броеви и букви. Броевите треба да бидат арапски, а буквите – големи букви на латиница. Меѓутоа, можат да се употребат и други броеви или букви, но регистарскиот број во тој случај треба да биде повторен со арапски броеви и големи букви латиница”.

Судот утврди дека и од Конвенцијата не произлегува обврска од регистарските таблички на возилата кои учествуваат во меѓународниот сообраќај да биде исклучено од употреба службеното писмо на земјата потписничка на Конвенцијата, туку произлегува само обврска, во такви случаи означувањето на регистарските таблички да биде повторувано со арапски броеви и големи букви латиница.

Судот оцени дека регистарските таблички на моторните возила што учествуваат во сообраќајот претставуваат службени ознаки, кои, согласно член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија, мора да биде напишани со кирилско писмо, како службено писмо во Републиката.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот е пропишано ознаката ПОЛИЦИЈА на табличките на предната страна на службените возила на Министерството за внатрешни работи да биде напишана само на латинично писмо, со што во оваа службена ознака е исклучено кирилското писмо, Судот оцени дека членот 11 од Правилникот не е во согласност со членот 7 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.