233/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 15 точка 6 алинеја 1 од Одлуката за Ценовник-Тарифа на услугите што ги врши Општественото претпријатие “Топлификација” – Скопје, преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, донесена на 28 септември 1990 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Коста Ангеловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 15 точка 6 алинеја 1 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него биле задолжени граѓаните чии станови биле исклучени од топлификациониот систем да плаќаат 50% од утврдената цена за користење на топлинска енергија, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 15 точка 6 алинеја 1 е предвидено за исклучен станбен и деловен простор во колективни станбени згради сопственикот да плаќа 50% од полниот месечен надоместок во текот на календарската година. Притоа, Судот утврди дека основа за донесување на оспорената одредба од Ценовникот е член 19 од Одлуката за испорака и користење на топлинска енергија, донесена од Собранието на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.22/83).

Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспорената одлука е акт на деловно работење на претпријатието и не претставува пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.