254/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување локација за изградба на спомен обележје на народниот херој “Вера Јоциќ” во населеното место Сингелиќ, донесена од Собранието на Општина Гази Баба на 27 декември 1989 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Сефедин Исмаили преку полномошникот Иљми Кривењева од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало изградба на спомен обележје на локација која е во сопственост на подносителот и за која има издадена потребна документација за президување, што не било во согласност со законот.

3. На седницата Судот утврди дека на 27 декември 1989 годинаа Собранието на општина Гази Баба, врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, донело Одлука за утврдување локација за изградба на спомен обележје на народниот херој Вера Јоциќ во населеното место Сингелиќ. Локацијата зафаќала површина од 680м2 со мерки и размери прикажани во графичкиот прилог.

Понатаму, во одлуката е предвидено дека Решението за локација за изградба на спомен обележје на народниот херој Вера Јоциќ ќе се издаде врз основа на оваа одлука и посебните прописи што ја регулираат изградбата на спомен обележје.

Исто така, Судот утврди дека за ова населено место нема донесено Детален урбанистички план.

4. Според член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.

Од изнесената законска одредба произлегува дека за местото за кое не е донесен просторен или урбанистички план, Собранието на општината може да донесе посебен акт со кој се утврдуваат условите за издавање локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти од општинско значење.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е донесен урбанистички план за населеното место Сингелиќ, Судот оцени дека собранието на општината, согласно член 54 од наведениот закон, имало овластување да ја донесе оспорената одлука, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.