162/1993-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 42 алинеја 1 од Деловникот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 16 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Одлуката бр.23-731/1 од 9 март 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/93) и Одлуката бр.23/142/1 од 5 август 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/93), донесени од Владата на Република Македонија, за определување на највисокото ниво на цените на услугите за задолжително осигурување на моторни возила.

2. Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесе решение за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Во текот на постапката Судот утврди дека Владата на Република Македонија донела Одлука за престанување на важноста на одлуките за определување на највисоко ниво на цените на услугите за задолжително осигурување на моторни возила (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/93), со чие влегување во сила престана да се применува мерката определување на највисоко ниво на цените на услугите за здолжително осигурување на моторни возила.

4. Со оглед на тоа што оспорените одлуки престанале да важат, а Судот оцени дека нема основи за оценување на нивната уставност за време на нивниото важење, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.