39/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 49 од Законот за данокот од добивка (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 50 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров, пратеник во Собранието на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба на член 49 од Законот се давало овластување на министерот за финансии да донесе поблиски прописи за начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот од добивка, што било во несогласност со член 33 и член 51 од Уставот, а со оспорената одредба на член 50 од Законот се допуштало повратно дејство на законот кое не било поповолно за граѓаните, што било во несогласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 49 од Законот министерот за финансии е овластен да донесе поблиски прописи за начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот од добивка, како и за спречување на двојното ослободување или двојното оданочување и да пропише образец-даночен биланс за пресметување и уплатување на данокот од добивка во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со членот 50 од Законот е утврдено дека по исклучок на одредбите на членовите 39 и 40 од овој закон правното лице, како обврзник на данокот од добивка, е должно при плаќањето на данокот од добивка со конечната пресметка за 1993 година, како и заради утврдувањето на месечниот износ на аконтацијата на периодот февруари-јуни 1994 година да ја зголеми основата на данокот од добивката утврдена врз основа на податоците од годишната пресметка за 1993 година со резултатот од нивелацијата на цените на стоките што е вклучен во ревалоризационата резерва за сразмерниот дел што отпаѓа на продадените стоки.

5. Според член 8 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 51 став 1 од Уставот во Република Македонија се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, а според ставот 2 од овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Носител на законодавната власт, според член 61 став 1 од Уставот, е Собранието на Република Македонија, кое, според член 33 од Уставот, донесува закон со кој го утврдува начинот на остварувањето на уставната обврска секој да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи.

Носител на извршната власт во Република Македонија, според член 88 став 1 од Уставот, е Владата на Република Македонија, која, согласно член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 1 и 3 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон.

Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека организацијата и работа, како и надлежностите на органите на државната управа се утврдуваат со закон. Притоа, Судот смета дека при определувањето на надлежностите на органите на државната управа, мора да се имаат предвид уставните овластувања на носителите на законодавната и извршната власт, односно да се има предвид уставната позиција на органите на државната управа.

Во конкретниот случај, според мислењето на Судот, со Законот, а особено со одредбите на членовите 39 до 44, се уредени основните прашања за утврдување и наплата на данокот од добивка, така што даденото овластување на министерот за финансии, со оспорената одредба, се сведува на пропишување на финансиско-технички норми за извршување на тие одредби од Законот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за несогласноста на одредбата на член 49 од Законот со одредбите на член 33 и член 51 од Уставот.

6. Во однос на иницијативата за оценување уставноста на член 50 од Законот, Судот утврди дека со Решение У.бр.18/94 од 23 февруари 1994 година, не поел постапка за оценување уставноста на тие одредби од Законот, затоа што оценил дека тие не се во несогласност со Уставот, а по повод на оваа иницијатива не наоѓа причина за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.39/94)