219/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 март 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на Град Неготино, во делот – индустриска зона, донесена од Собранието на Општина Неготино на 22 јули 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Петар Кирков и Борис Јовановски му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во постапка предвидена со закон.

3. На седницата Судот утврди дека планот во фазата на нацрт бил изложен на јавна расправа од 20 јуни 1993 година до 5 јули 1993 година во просториите на месните заедници и во просториите на трговската работна организација “Пролетер” на Градскиот плоштад во Неготино. Во натамошниот рок од 15 дена на граѓаните им било овозможено своите забелешки и сугестии да ги доставуват во писмена форма до Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна организациона единица Неготино. Согласноста за измени на планот од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија е дадена на 10 јуни 1993 година.

4. Според член 31 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, а јавната расправа согласно став 4 на овој член од Законот се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветната просторија на подрачјето на месната заедница. Забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот на управата надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма, во натамошен рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Согласно член 32 од Законот, урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот на согласност, заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон.

Со оглед на тоа што планот во фазата на нацрт-план бил изложен на јавна расправа и е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.