Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 март 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на Анекс-трошковникот за висината на водниот надомест на култури за 1992 година, донесена од Работничкиот совет на Водостопанското претпријатие “Тиквешко Поле” во Кавадарци на 19 октомври 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Драгољуб Змејковски и други граѓани од Кавадарци за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се зголемувала цената на водата за наводнување иако Владата, во рамките на општествената контрола на цените на монополските производи и услуги, не донела одлука за определување ново повисоко ниво на цената на водата за наводнување, поради што Одлуката била во несогласниост со одредбите од законите за општествена контрола на цените.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што Одлуката не претставува пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.