149/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Решението за измена од помал обем на Деталниот урбанистички план на Град Штип бр.200/2418, донесено од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна организациона единица – Штип, на 5 мај 1993 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Штип”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.149/93 од 9 декември 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на решението означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност.

4. На седницата судот утврди дека со оспореното решение се предвидува доградба на индивидуална станбена зграда во блок на КП.бр.71 во Штип и дека со него од страна на подрачната организациона единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Штип се врши измена на Деталниот урбанистички план. Притоа, Судот утврди дека иако оспореното решение се заснова на членовите 17 и 21 од Одлуката за начинот и постапката за измена на планот од помал обем по својата содржина има нормативен карактер, затоа што со него се врши измена на Деталниот урбанистички план.

Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план во фазата на нацрт задолжително се ставаат на јавна расправа. Согласно член 34 од Законот, Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината, а според член 37 став 2 од Законот измените и дополнувањата на плановите се вршат на начин и во постапка пропишани со овој закон како и за нивното донесување.

Со оглед на тоа што со оспореното решение се врши измена на Деталниот урбанистички план по истекот на рокот определен во член 46 од Законот, според кој општината беше овластена со општ акт без одржување на јавна расправа да врши измени на планот што се однесуваат на доградбата, надградбата и пренамената на објектот, Судот оцени дека тоа не е во согласност со означените законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.