97/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА актот бр.ХИИИ-18-1402/2 , донесен од Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Кичево на 23 декември 1992 година.

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Кичево”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Трајко Никодиновски од Кичево, со Решение У.бр.97/93 од 26 јануари 1994 година, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање. Истовремено, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот акт, до донесување конечна одлука на Судот.

5. На седницата Судот утврди дека со оспорениот акт на подрачната единица на Министерството за урбанизам во Кичево се вршат измени и дополнувања на деталниот урбанистички план, така што на КП.бр.30/10 во наслебата “22 Декември” во Кичево се спојуват две урбанистички парцели и се предвидува изградба на една индивидуална станбена зграда на местото на поранешни две. Исто така, Судот утврди дека за изменувањето и дополнувањето на планот не е спроведена постапката пропишана со закон.

6. Во член 34 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) е пропишано дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината. Во член 31 од Законот е определено нацртот на планот задолжително да се стави на јавна расправа, на која граѓаните и другите заинтересирани субјекти ги изнесуваат своите забелешки, а во член 33 е предвидена обврска за давање на образложение доколку забелешките не се прифатени. Во член 32 од Законот е пропишано урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително да се достави на согласност до републичкиот орган на управата надлежен за урбанизам. Во член 37 став 2 од Законот е определено измените и дополнувањата на планот да се вршат на ист начин и во иста постапка како и за неговото донесување.

Со оглед на тоа што оспорениот акт не е донесен од Собранието на Општината и не била спроведена постапката пропишана со Законот, Судот оцени дека тој акт не е во согласност со означените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Со оглед на тоа што Судот донесе конечна одлука, одлучи да ја укине времената мерка.

8. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.