Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 март 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 од Законот за пазаришна инспекција (“Службен весник на СРМ” бр.40/73, 6/79, 34/84, 46/89 и 23/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јавното претпријатие “Водовод” од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него било исклучено водење на управен спор, со што се ограничувало уставното право на судска заштита гарантирано со член 50 од Уставот.
3.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 16 од Законот е предвидено ако организацијата при купување или продавање на стока не се придржува за пропишаната цена или за друга цена која за неа е задолжителна според важе~ките прописи, пазаришниот инспектор ќе донесе решение за одземање на разликата меѓу цената по која организацијата била должна да ја купи, односно да ја продаде стоката. Со ова решение се одзема само остварената позитивна разлика во цените, а против конечото решение организацијата не може да поведе управен спор. Одлуката за основаноста на мерката за одземање на разликата во цените и за висината на одземената разлика во цените ја донесува надлежниот стопански суд во постапка за стопански престап. Доколку не се води постапка за стопански престап, надлежниот стопански суд, по барање на организацијата, ќе донесе одлука во вонпроцесна постапка.
4. Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека граѓаните и правните субјекти имаат право на судска заштита на законитоста на поединечните акти, без притоа со Уставот да се предвидени било какви ограничувања за остарување на ова уставно право. Тоа значи дека ќе постои повреда на Уставот ако не се обезбеди судска заштита против поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Тргнувајќи од член 98 од Уставот, според кој судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори, а постапката пред нив се уредува со закон, Судот смета дека со закон може да се утврди кога и под кои услови може да се бара определен вид судска заштита, односно да се исклучи управниот спор.
Управниот спор е таков облик на судска заштита во која судот ја оценува законитоста на конечните акти на органите на управата и на другите државни органи и организации кои вршат јавни овластувања, кога со тие акти се одлучува за правата и обврските на човекот и граѓанинот и на правните лица. Меѓутоа, управниот спор не е единствен облик на судска заштита во поглед на конечните поединечни акти на државните органи и други органи и институции, туку во одредени случаи може да биде одредено за законитоста на поединечните акти да одлучуваат судовите и во друга постапка.
Врз основа на изнесеното, според мислењето на Судот, исклучувањето на управниот спор во оспорената законска одредба не претставува ограничување на заштита против поединечните акти на државната управа, затоа што во конкретниот случај е обезбедена судска заштита во постапката за стопански престап, односно во вонпроцесна постапка, во кои се одлучува за основаноста на мерката за одземање на разликата во цените и за висината на одземената разлика во цените.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 16 од Законот со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.284/93)