Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за организираање на Работната организација Радио-Телевизија Скопје како јавно претпријатие, донесена од Собранието на СР Македонија на 22 март 1990 година (“Службен весник на СРМ” бр.10/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од поранешната политичка партија “Илинден-Слободни демократи” од Скопје за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што радиодифузијата не била дејност од јавен интерес за Работната организација Радио-телевизија Скопје да може да се организира како јавно претпријатие, поради што Одлуката не била во согласност со член 8 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 24-а став 2 од Законот за претпријатијата.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.