Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Статутот на Друштвото со ограничена одговорност во општествена сопственост “Стопански весник” во Скопје, донесен од Собранието на Друштвото на 26 јули 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Никола Ѓоргиевски од Скопје за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен од ненадлежен орган, што со определени одредби предвидувал да има Собрание на Друштвото и Управен одбор иако претпријатието било исклучиво со општествен капитал и што дополнително била вградена одредба во него, поради што Статутот не бил во согласност со Законот за претпријатијата.
3. На седницата Судот утврди дека Статутот на Друштвото е донесен од Собранието на Друштвото, а во членовите 24 – 42 од Статутот се утврдува надлежноста на Собранието на Друштвото и на Управниот одбор.
4. Во член 36 став 3 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90) е определено дека на друштвата со ограничена одговорност во општествена сопственост соодветно се применуваат одредбите од Законот што се однесуваат на претпријатието во мешовита сопственост.
Во член 120 став 1 од Законот, кој се однесува на претпријатие во мешовита сопственост, како органи на управување во претпријатието се предвидени собрание и управен одбор, а во член 123 од Законот е пропишано овластување за собранието на претпријатието во мешовита сопственост да го донесува статутот на претпријатието.
Од изнесените законски одредби произлегува дека во друштвата со ограничена одговорност во општествена сопственост органи на управување се собранието и управниот одбор, при што собранието, покрај другото, е овластено да го донесува статутот на друштвото.
Со оглед на тоа што оспорениот статут е донесен од Собранието на Друштвото и што во него како органи на управувањето се предвидуваат Собрание и Управен одбор на Друштвото, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
5. Што се однесува до наводите од иницијативата за дополнително вградување одредба во Статутот, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по нив.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.