Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 февруари 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за трошоците за сите видови специјализација на Медицинскиот факултет, донесена од Советот на Медицинскиот факултет на седницата одржана на 26 октомври 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, професор д-р Александар Спиров и Кирил Кочовски од Скопје и Драган Митревски од Битола, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се воведувала обврска за плаќање на трошоци за специјализација што не било во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за здравствена заштита и правилникот за зпецијализација и субспецијализација на здравствените работници во високото образование, затоа што со неа на различен начин се уредува обврската за плаќање на трошоците за специјализантите испратени од здравствените организации и специјализантите што специјализираат на свој трошок, што не било во согласност со членот 32 став 3 од Уставот, затоа што на невработените здравствени работници на кои им била одобрена специјализација не им се плаќало надоместок за вложениот труд.
3. На седницата Судот утврди дека според точката 1 од оспорената одлука кандидатите примени на специјализација на Медицинскиот факултет во Скопје, за сите видови специјализација, ги сносат трошоците утврдени во точка 1 од ова решение, доколку тие трошоци не ги сноси организацијата што ги праќа на специјализација.
Според точката 2 од Одлуката трошоците за еден семинар, за 45 часа теоретска настава изнесуваат 900 германски марки, во денарска противвредност, за специјалистички стаж 2.00 германски марки за хируршките гранки, а за другите гранки на спцеијализација 1.500 германски марки, во денарска противвредност. Со Одлуката е извршен распоред на средствата и тоа 80% за клиниките и институциите при Медицинскиот факултет, со назнака дека се тоа наменски средства од специјализација кои ќе се користат за плаќање на настава, менторство, испити и за други трошоци и потреби врзани со специјализацијата на кандидатите.
4. Според член 44 став 1 од Уставот секој има право на образование, а според ставот 2, образованието му е достапно секому под еднакви услови.
Со член 46 од Уставот на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.
Според член 146 став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93), специјализацијата, односно субспецијализацијата на здравствените работници и здравствените соработници се врши според прописите со кои се уредуваат постдипломските студии, ако со овој закон не е поинаку определено.
Според член 48 став 4 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 20/89, 10/90, 12/90, 29/90, 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91), со посдипломски студии за стручно усовршување односно специјализација, на кандидатот му се овозможува здобивање на специјализирани и продлабочени знаења во една или повеќе научни, уметнички и стручни дисциплини што се потребни за успешно извршување на стручните работи од определено работно подрачје, односно пределен вид на работа за што се потребни специјализирани и продалбочени знаења.
Според член 225 од овој Закон, факултетите и организациите за научно истражувачка дејност можат да организираат постдипломски студии ако покрај другите услови утврдени со овој закон имаат и најмалку половина од потребниот наставно-научен и научен кадар во работен однос на неопределено време за остварување на плановите и програмите на воспитно образовната дејност за постдипломски студии.
Според членот 191 алинеја 4 од Законот, како основ за стекнување на доход на високообразовната организација се предвидува и вршењето на услуги за задоволување на образовните потреби на граѓаните.
Во член 196 од Законот е предвидено дека граѓаните можат своите лични потреби и интереси во областа на насоченото образование да ги остваруваат во непосредни односи со организациите за насочено образование.
Од наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека граѓаните можат своите лични потреби за образование да ги задоволуваат во непосредни односи со високообразовните установи, односно да се стекнуваат со специјализација или субспецијализација за која имаат интерес со плаќање на трошоците за финансирање на таквата дејност на високообразовната установа, поради што оцени дека оспорената одлука не е во несогласност со член 44 од Уставот и со означените одредби од Законот за насоченото образование.
5. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Од содржината на одлуката не произлегува дека специјализантите упатени од здравствените организации и непосредно граѓаните, односно граѓаните упатени од приватните здравствени организации плаќаат различен надомест, туку разликата се однесува само на видот на специјализацијата, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со оваа уставна одредба.
6. Според член 32 став 3 од уставот секој има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 од овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука не се уредуваат права од работен однос Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 32 став 3 од Уставот.
7. Според член 146 став 1 од Законот за здравствена заштита здравствените работници и здравствените соработници со висока стручна подготовка можат да специјализираат и да субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата, односно фармацијата, а според ставот 3 од овој член гранките на специјализациите и субспецијализациите, времето на нивното траење и деловите на стажот на специјализациите ги пропишува Министерството за здравство, по претходно мислење на соодветната високообразовна организација. Со одредбите од член 147 до 151 од Законот е предвидено дека специјализацијата и субспецијализацијата на здравствените работници се врши според плановите и програмите што ги донесуваат високообразовните организации, се уредува начинот на спроведувањето на теоретската и практичната настава, како и се утврдуваат условите под кои можат здравствените работници и соработници да специјализираат. Понатаму, е предвидено дека Министерството за здравство утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри, а врз основа на овие критериуми и оваа програма здравствените организации што спроведуваат здравствена заштита донесуваат програма за стручно усовршување, специјализација и субспецијализација на здравствените работници и соработници. Според одредбата на член 152 од овој Закон, здравствен работник кој самостојно врши здравстена дејност, вработените кај него и невработените здравствени работни можат да се пријават за запишување на специјализација ако ги исполнуваат условите, односно да имаат завршено приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит.
Од изнесените законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека со нив не се уредува прашањето за финансирање на специјализацијата и субспецијализацијата, а со Правилникот за специјализација и субспецијализација на здравствените работници и соработници со високо образование Министерството за здравство се определуваат гранките на специјализацијата и субспецијализацијата на здравствените работници и соработници, времето на нивното траење и деловите на стажот на специјализациите и субспецијализациите, поради што оцени дека не може да се псотави прашањето за согласноста на оспорената одлука и со означените одредби од Законот и правилникот.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.