181/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за определување на највисоки цени на опредлени нафтени деривати, во делот на точка 2, став 2 под а), б), в) и д), донесена од Владата на Република Македонија на 15 јули 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието за развој и маркетинг “Менаџер консалтинг” од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со нив, Владата на Република Македонија неовластено определувала јавни давачки, што не било во согласност со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека одлуката означена во точката 1 од ова решение, престанала да важи на 19 октомври 1993 година. Исто така, Судот утврди дека односите уредени со оспорените делови на Одлуката, не се содржани ни во Одлуката за определување на највисоки цени на одделни нафтени деривати (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/93), што е во примена. Со оглед на тоа што оспорените одредби престанале да важат, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење на постапка, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.