Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92, на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 3 од Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, донесена од Владата на Република Македонија на 3 ноември 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92) и
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 2 од одлуката означена во точка 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија Собранието на Град Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 1 алинеја 3 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија определила како станови на Републиката односно станови за продажба на кои права, должности и одговорности во поглед на располагање ќе има Републиката, покрај другите, да бидат и становите изградени со средства на здружителите по основ на солидарност и доделени по основ на експропријација, што не било во согласност со уставните принципи за организација и вршење на власта.
Димитар Веселиновски и група од петнаесет граѓани од Скопје поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на ставот 2 на член 2 од Одлуката, затоа што со него не била предвидена одредба за примена на член 21 став 2 од точките 1 и 2 и член 26 од Законот за станбеното обезбедување во ЈНА, кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, бил преземен како републички закон.
4. На седницата Судот утврди дека според член 2 став 1 алинеја 3 од Одлуката како станови за продажба на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката се сметаат, покрај другите, и становите изградени со средства на здружителите по основ на солидарност и доделени по основ на експропријација. Според став 2 на член 2 од Одлуката, одредбата од став 1 на овој член нема да се однесува на становите за службените потреби на Републиката, становите на поранешната ЈНА и становите добиени по основ на таканаречени присилни прописи.
Согласно член 5 точка 3 и 4 од Законот за самоуправните интересни заедници на становањето (“Службен весник на СРМ” бр.49/74,9/78,26/80 и 4/82), кој беше во важност до влегувањето во сила на Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), во Заедницата за становање се утврдуваше програма и се распоредуваа средства за поповолни услови за станбена изградба за потребите на работните луѓе со пониски дохиди, за работниците од организациите кои не располагаа со потребните средства за таа цел и за надоместување на дел од станарината на работните луѓе и граѓаните со пониски доходи. Според член 15 од Законот, работниците, меѓу другото, здружуваа средства за задоволување на станбените потреби на работниците од оние организации кои не располагаа со потребните средства за таа намена, а согласно член 18 од Законот, како средства за станбена изградба се користеа и средства на општествено-политичките заедници. Според член 21 од Законот, најниската стапка на средствата што работниците ги издвојуваа за станбена изградба од личниот доход и од доходот се утврдуваше со општествениот план на општината.
Од изнесените законски одреднби произлегува дека постоеше обврска на организациите и заедниците да издвојуваат посебни средства за задоволување на станбените потреби на работниците со пониски приходи и во организациите кои немаа можност да обезбедат средства за станбена изградба, како израз на познатото уставно начело на заемност и долиданост. Поради тоа, издвојувачите на овие средства не можат да се сметаат за сопственици на овие средства, па и на правата да располагаат со становите изградени со тие средства, дотолку повеќе што за изградба на тие станови се издвојувани и средства и од други извори. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со закон.
Според член 10 од Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.46/89), експропријацијата се вршеше во корист и за потребите на со закон утврдените корисници на експропријацијата. Според став 2 на овој член од Законот, во градовите и населбите од градски карактер и во другите подрачја предвидени за станбена изградба и за друга комплексна изградба, експропријацијата можеше да се врши само во корист на општината. Со изменетиот член 10 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/91), во градовите и населбите од градски карактер и во другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба, експропријацијата може да се врши само во корист на Републиката. Според мислењето на Судот, уште со Амандман 69 на Уставот на СРМ од 1974 година општините го изгубија статусот на општествено-политички заедници, така што сите нивни функции преминаа на Република Македонија, а со тоа и становите со кои располагаа по основ на експропријација.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 став 1 алинеја 3 од Одлуката со Уставот и со закон.
5. Во однос на наводот во иницијативата дека во член 2 став 2 од Одлуката не се содржани одредбите за примена на член 21 од Законот за станбено обезбедување на ЈНА, Судот утврди дека не постои законска обврска за уредување на ова прашање од страна на Владата, поради што не најде основ за поведување постапка и по овој дел од иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.