77/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 7 став 1 алинеја 3 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 37 од Привремениот правилник за личните доходи и другите парични примања на воените старешини и војниците по договор, донесен од министерот за одбрана на Република Македонија на 8 мај 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Благоја Михајловски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 37 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него било предвидено да влезе во сила со денот на потпишувањето, а не по објавувањето во “Службен весник на Република Македонија, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека министерот за одбрана на Република Македонија на 30 септември 1993 година донел Правилник за платите и надоместоците на платите во Министерството за одбрана, со што оспорениот Правилник престанал да важи.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.