Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 6,17,18 и 25 од Правилникот за плати и Табелата за вкупниот број бодови по работни места, составен дел на Правилникот за плати на работниците во Претпријатието во општествена сопственост за шумарство “Пљачковица” во Виница, донесени од Работничкиот совет на 30 јули 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здравко Симеонов, Васил Станоевски и Ване Атанасов од Виница му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што во член 6 од Правилникот не биле предвидени групите на сложеност на работните задачи, во членовите 17 и 18 бил предиден основот редовност за доагање и одење од работа, кој можел да биде предвиден само како основ за дисциплинска одговорност во работата, а не и за платата, во член 25 било предвидено платата да претставува деловна тајна, во Правилникот не биле предвидени додатоци за посебни услови за работа и бројот на бодовите во табелата по работни места не бил правилно утврден, што не било во согласност со Уставот, со закон и со колективен договор.
3. На седницата Судот утврди дека во член 4 од Правилникот е предвидено висината на платата на работникот да се определува врз основа на платата, надоместок за успешноста на извршувањето на работата, добивка на претпријатието и други елементи. Согласно член 5, основната плата за работа се утврдува за нормален учинок на работникот во зависност од сложеноста на работното место и нормални услови за работа на определено работно место. Во оспорениот член 6 од Правилникот работните места во претпријатието се утврдуваат во Правилникот за организација и систематизација и се разврствуваат според степенот на сложеноста и условите за работа на оодделно работно место. Во член 17 е предвидено дека дел од платата ќја сочинува редовното користење на работното време односно полниот фонд на часови што се предвидени за еден месец, а во член 18 се предвидени случаите во кои работникот го губи стимулативниот дел на платата. Според член 25 од Правилникот, податоците за исплата на заработувачката на секој работник претставуваат деловна тајна и соопштувањето на податоците на неовластени лица во претпријатието или надвор претставува потешка повреда на работната обврска. Со Табелата се утврдува вкупниот број бодови и коефициенти на сложеност во работите за секое поодделно работно место.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно член 49 став 1 од Законот за основните права од работниот однос на работникот му припага личен доход за работата во согласност со општиот акт усогласен со колективниот договор и со закон. Согласно став 2 на овој член од Законот на работникот му припага личен доход како дел од доходот односно добивката кој е сразмерен на придонесот во создавањето на тој доход односно добивка во согласност со општиот акт односно со колективниот договор. За придонесот на работникот во работата одлучува работоводниот орган или работникот со посебни овластувања и одговорности односно работодавецот во согласност со општиот акт и колективниот договор.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека личниот доход на работниците се определува со општ акт на претпријатието кој треба да биде усогласен со колективниот договор, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со означените уставни и законски одредби.
5. Што се однесува до несогласноста на оспорените одредби со колективниот договор, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Андоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, БратољубРаичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.