Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување цена на користење на вода и услуги што ги врши ЈП “Водовод” во Куманово, донесена од Работничкиот совет на 13 април 1993 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Одлуката за формирање надоместок за користење на вода и канализација од градската мрежа во Куманово, донесена од Работничкиот совет на ООЗТ “Водовод” во Куманово на 3 јули 1974 година и Одлуката за определување на цени за користење на вода и услуги што ги врши ЈП “Водовод” во Куманово, донесена од Работничкиот совет на 17 април 1992 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Општественото претпријатие “Југ-Турист” од Куманово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа то подносителот на иницијативата, иако не бил приклучен на канализационата мрежа, бил задолжен да плаќа надоместок, односно не постоеле взаемни давања меѓу давателите и корисниците на услуги и што условите за начинот на користење на комуналните услуги и објекти, како и правата и обврските на корисниците на давателите на услугите ги утврдувала општината, поради што тие не било во согласност со член 15 од Законот за облигациони односи и со член 12 од Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес.
4. На седницата Судот утврди дека со одлуката од 13 април 1993 година се определени цените на услугите што ги пружа Јавното претпријатие “Водовод” во Куманово, а во тие рамки и цената за користење на фекалната канализација, при што посебно е определено дека надоместок односно цена за користење на канализација нема да се плаќа во населбите што немаат услови да добијат канализација.
5. Согласно член 15 од Законот за облигационите односи во засновањето на двострани договори учесниците тргнуваат од начелото на еднаква вредност на заемните давања.
Според член 12 од Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), условите и начинот на користењето на комуналните услуги, објекти и инсталации, како и правата и обврските на корисниците и давателите на услуги се утврдуваат со пропис на општината. Според тоа, општината е овластена да ги утврдува условите и начинот на користење на комуналните услуги, а не да ги определува цените на тие услуги.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука е определено надоместок односно цена за одведување на отпадните води да плаќаат само корисниците на канализационата мрежа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби.
Дали пак, комуналната организација наплатувала надоместок и од подносителот на иницијативата, иако неговите објекти не биле приклучени на канализацијата, е фактичко прашање за кое Уставниот суд, согласо член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
6. Судот утврди дека оспорените одлуки од 1974 година и 1992 година престанале да важат, поради што не постојат процесни претпоставки за нивно оценување.
7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, АрифАрифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.