174/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесеп

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 14,17,19 и 21-а од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Министерството за внатрешни работи, донесен од Министерот за внатрешни работид на 2 ноември 1991 година, изменет и дополнет на 19 февруари 1992 година, 11 јуни 1992 година, 30 јули 1992 година и на 17 јуни 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Илија Атанасов од Битола и Младен Трајков од Скопје му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во член 14 од Правилникот бројот на бодовите по основот станбена состојба бил нереално утврден и противречен, во член 17 основот придонес на работникот во работата бил утврден преку основот школска подготовка, во член 19 основот здравствена состојба на работникот бил превисоко вреднуван и во член 21-а од Правилникот бил предвиден основот вработеност на брачниот другар, што не било во согласност со Уставот и со закон.
Подносителот на иницијативата Илија Атанасов побара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, заради спречување од настанување на тешко отстранливи последици.
3. На седницата Судот утврди дека во член 14 од Правилникот е предвиден основот станбена состојба со подосновите потстанар, супстандардни или тешки услови за живеење, живеење кај своите или родителите на брачниот другар и кај носител на станарско право и за нив се предвидени определен број бодови. Во член 17 од Правилникот е предвиден и вреднуван основот придонес во работата, кој се определува врз основа на сложеноста, одговорноста и условите за работа при извршувањето на работите и задачите што ги остварува работникот според Правилникот за утврдување на личниот доход на работниците во Министерството. Во членовите 19 и 21-а од Правилникот се предвидени и вреднувани основите здравствена состојба и намалена работна способност и вработеност на брачните другари.
4. Согласно член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно колективниот договор.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенството за давање стан на користење.
Согласно членовите 160, 175 и 224 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) одлуките за начинот на распределба на средствата на органот на управата и нивното користење ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата.
Од изнесените одредби произлегува дека е право на функционерот кој раководи со органот на управата да ги уредува распределбата и користењето на средствата, а во тие рамки да ги утврди и критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања на работниците. Притоа, покрај другите, може да ги предвиди и основите придонес во работата, здравствената состојба на работникот и вработеноста на брачниот другар и да го определи начинот на нивното вреднување.
Со оглед на тоа што со оспорените членови од Правилникот се предвидени основи и мерила за учество на работниците во распределбата на станови во зависност од трудот и солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените уставни и законски одредби.
Што се однесува до барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Судот за одредување ваква мерка.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.