Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 64 и 72 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на актот бр.08-703, донесен од фондот за здравствено осигурување на 26 март 1993 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, група граѓани од Струга, застапувани од адвокатот Божин Марковски од Струга, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение и законитоста на актот означен во точка 2 од ова решение, затоа што со оспорените членови од Законот и со оспорениот акт било предвидено пензионираните лица кои примаат пензија или инвалиднина од странски носители на осигурување лично да плаќаат придонес за здравствено осигурување, што не било во согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 64 од Законот е пропишан начинот на обезбедување средства за основната здравствена заштита со задолжителното осигурување, при што во точка 2 од овој член е предвидено дека за осигурениците од член 12 точка 9 на овој закон, меѓу кои се и корисниците на пензии од странски носител на осигурување, додека престојуваат на територијата на Републиката, средствата за основната здравствена заштита ги обезбедува фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Во оспорениот член 72 од Законот е утврден начинот на пресметување и наплатување на придонесот, при што е предвидено пресметувањето и наплатувањето на придонесот од личниот доход за обврзниците кои платниот промет го водат преку организацијата овластена за платен промет го вршат обврзниците на придонесот при исплатата на личните доходи. Ако организацијата за одреден период не исплатува личен доход осигуреникот може сам да го уплати придонесот за здравствено осигурување најдоцна еден месец по денот на стасаноста на придонесот. Пресметувањето и наплатувањето на придонесот од другите осигуреници кои сами се обврзници за плаќање на придонес од личниот доход го врши Фондот за здравствено осигурување.
Понатаму, Судот утврди дека во членот 67 од Законот е предвидено како основица за пресметување и плаќање на придонесот за здравствено осигурување на корисниците на пензии да се зема висината на пензијата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека корисниците на пензии не се обврзани сами да го плаќаат придонесот за здравствена заштита, како што сметаат подносителите на иницијативата, туку истиот го обезбедува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во зависност од висината на пензијата.
5. Според член 8 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Граѓаните на Република Македонија, според член 89 од Уставот, се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а согласно член 35 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Со член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека граѓаните на Република Македонија имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, како и право на здравствена заштита, под услови утврдени со закон.
Во таа смисла, со Законот за здравствена заштита се уредени правата од здравствената заштита на граѓаните, во чии рамки се утврдени и правата на корисниците на пензии, при што со Законот се предвидени еднакви услови во поглед на обезбедувањето на средствата за основната здравствена заштита за корисниците на пензии државјани на Република Македонија, независно дали примаат пензија од домашен или странски носител на осигурувањето, односно за едните и за другите е предвидено средства за да обезбедува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 64 и 72 од Законот со означените уставни одредби.
6. Во однос на оспорениот акт на Фондот за здравствено осигурување, Судот утврди дека со него се известуваат подрачните единици на Фондот да побараат писмени изјави од корисниците, кои покрај странска пензија примаат и пензија според републичките прописи, дека во определен рок на износот на странската пензија ќе плаќаат дополнителен придонес за здравствено осигурување од нето износот на пензијата од странство.
Понатаму, Судот утврди дека со актот од 20 август 1993 година е повлечен оспорениот акт и за корисниците на пензија, независно дали пензијата ја добиваат од домашен или странски носител на осигурувањето, придонесот го обезбедува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со оглед на тоа што оспорениот акт престанал да важи, Судот оцени дека нема причина за оценување на неговата согласност со Законот во време на неговото важење.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.