Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член71 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија,(“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) Правилникот за условите и начинот на решавање на станбените прашања на вработените во Министерството за одбрана, воените старешини и граѓанските лица на служба во АРМ, донесен од министерот за одбрана на 22 декември 1992 година и
б) Правилникот за одговорност на работниците во Министерството за одбрана за повреда на должностите и работните обврски и за материјална одговорност, донесен од министерот за одбрана на 30 декември 1992 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на:
а) Решението за утврдување на просечните цени на градење на становите во АРМ, бр.407/2 од 12 февруари 1993 година;
б) Решението за размена на правата на сопственост врз недвижен имот, бр.03-953/1 од 12 јуни 1992 година;
в) Решението за продажба на стан на Собранието на Општина Делчево за потребите на научната манифестација “Гоцеви денови” бр.04-1266/2 од 20 август 1992 година;
г) Решението за одобрување на размена на стан со филозовски факултет – Институт за ОНО – Скопје, бр.13-797/1 од 20 мај 1992 година, и
д) Договор бр.1739-2 од 20 мај 1992 година за продажба на стан од воен станбен фонд, донесени од Министерот за одбрана.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Горан Петковски од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, а група граѓани му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 под а) од ова решение, затоа што не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија”. Понатаму, во иницијативата се истакнува дека со решението со кое се вршела размена на сопственост врз недвижен имот граѓаните се ставаат во нееднаква положба, што не било во согласност со Уставот и закон.
Според наводите во иницијативата од група граѓани Правилникот означен во точката 1 под “а” од ова решение не бил во согласност со уставното начело на еднаквоста, затоа што ги исклучувал од решавањето на станбените прашања пензионираните воени старешини и граѓанските лица на служба во бившата ЈНА.
4. На седницата Судот утврди дека според член 3 од Правилникот за условите и начинот на решавање на станбените прашања на вработените во Министерството за одбрана, воените старешини и граѓанските лица во служба на АРМ право на решавање на станбеното прашање, според одредбите на овој правилник, имаат лицата во работен однос во Министерството, во служба на АРМ или да оствариле пензија во АРМ или во Министерството. Понатаму, Судот утврди дека со измените и дополнувањата на овој правилник, правото за решавање на станбените прашања се проширува и на пензионираните воени и граѓански лица во бившата ЈНА и Територијалната одбрана на Републиката.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овој правилник од аспект на повредата на начелото на еднаквоста на граѓаните.
5. На седницата Судот утврди дека според член 51 од правилникот означен во точката 1 под “а”, како и според член 49 од правилникот означен во точката 1 под “б” е предвидено дека тие влегуваат во сила по објавувањето на огласната табла во Министерството
6. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” пред да влезат во сила.
Според член 1 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80), законите и другите републички прописи и општи акти (републички прописи) се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, а според член 3 точка 5 од овој закон, во “Службен весник на Република Македонија” се објавуваат правилниците, наредбите и упатствата на функционерот што раководи со републичкиот орган на управата и решенијата на тие органи донесени вон управна постапка, како и актите на функционерот за кои тој ќе одлучи да се објават во “Службен весник на Република Македонија”.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека во “Службен весник на Република Македонија” задолжително се објавуваат само законите и другите републички прописи, а актите на функционерот што раководи со органот на управата што ги донесува во извршување на законите како старешина на органот се објавуваат ако за тоа одлучи тој.
Со оглед на тоа што оспорените правилници не претставуваат републички прописи што се однесуваат на граѓаните и другите правни лица во Републиката, туку општи акти што уредуваат права и обврски на работниците од областа на работните и станбените односи на работниците во Министерството за одбрана, Судот утврди дека на нив не се однесува обврската за објавување во “Службен весник на Република Македонија”, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нивната несогласност со означените уставни и законски одредби.
7. Во поглед на оспорените решенија и договорот за купопродажба на стан, Судот утврди дека тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува по нив.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.