Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 декември 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1.СЕ УКИНУВА Одлуката за измени на Деталниот урбанистички план, донесена од Собранието на Општината Тетово на 28 април 1993 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен весник на Општина Тетово”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.95/93 од 6 октомври 1993 година, по повод поднесена иницијатива од Симон Златев од Тетово – началник на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна единица Тетово, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука Собранието на Општината, врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, извршило измена на Деталниот урбанистички план во делот што се однесува на КП.бр.6640, така што, наместо деловен се предвидува изградба на станбен простор.
5. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат на јавна расправа, која ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот. Јавната расправа се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа. Врз основа на прифатените забелешки се подготвува предлог на планот, а според член 37 став 2 од Законот, измените и дополнувањата на просторните и урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон за нивно донесување.
Согласно член 54 од Законот, за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни општествени односно станбени објекти може да се издаде врз основа на посебен акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од изнесените законски одредби произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот собранието на општината може да го користи ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај е донесен Детален урбанистички план, според кој на КП.6640 е предвидена изградба на трговски центар, а со Одлуката за измена на Деталниот урбанистички план, донесена врз основа на член 54 од Законот, Собранието извршило измена на планот односно пренамена на просторот од деловен во станбен, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените законски одредби во поглед на постапката за нејзино донесување.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.