Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 декември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 и членовите 7, 8, 9 и 10 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните во 1993 и 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Лигата за економско-правна заштита на штедачите и другите доверители во Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од член 4 став 2 и членовите 7, 8, 9 и10 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативат, со депонирањето на девизните средства на девизните сметки и девизните штедни влогови, граѓаните засновале облигациони договори со банките, па според тоа немало правна основа должничко доверителскиот однос да се прогалсува за јавен интерес. Со членот 2 од Законот, примената на Законот се детерминира само за вложените средства во банките до 27 април 1992 година, што наведувало на заклучок дека за јавен интерес се прогласува само дел од депонираните средствата на граѓаните. Граганите ги депонирале девизните средства кај банките со убедување дека за нив гарантира федерација, што значело дека државата го презема само емството во смисла на Законот за облигационите односи, а главен должник е банката во која биле депонирани девизните средства. Според тоа, државата не можела со прогласување на јавен интерес да ги ослободи банките од должничките обврски без согласност на доверителите. Со оспорената одредба на ставот 2 на член 4 од Законот обврските и правата содржани во договорите на овој закон мирувале, а со тоа се ограничувало правото на користење на девизните средства без да се гарантира праведен надоместок. Со оспорените одредби од Законот биле повредени основните права на граѓаните во корис на банките и државата, затоа што облигационата обврска на банките била прогласена за јавен интерес, и на тој начин тие се ослободувале од обврските на штета на граѓаните.Бил повреден и уставниот принцип на владеење на правото, затоа што со оспорените одредби биле заштитени државните интереси и имотот на банките за сметка на штедачите. Исто така, биле повредени и уставните принципи за правната заштита на сопственоста и на еднаквоста на граѓаните, затоа што со оспорените одредби од Законот била воспоставена нееднаквост за иста категорија граѓаните, а различни само по тоа дали девизните средства ги депонирале пред или по 27 април 1992 година. Законот имал ретроактивно дејство, затоа што се однесувал на односи настанати до 27 април 1992 година.
Во иницијативата поднесена од Здружението на девизните штедачи од Битола член 4 став 2 од Законот се оспорува и од аспект на согласноста со член 60 став 2 од Уставот, затоа што ја ослободувал Народната банка на Република Македонија од одговорноста за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство, а членовите 7-10 и од аспект на согласноста со член 8 алинеја 1 и 6 и со членовите 9 и 54 од Уставот, коои се однесуваат на слободите и правата на човекот и граѓанинот и на забраната на дискриминација.
4. На седницата Судот утврди дека со Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните во 1993 и 1994 година, Република Македонија гарантира за депонираните девизни влогови на граѓаните – девизни штедни влогови и девизни сметки на граѓаните, депонирани кај Народната банка на Југославија (поранешна СФРЈ), се утврдуваат изворите на средства за извршување на обврската по основ на преземената гаранција и се уредува начинот на исплатата на девизните штедни влогови во денари или во девизи.
Според членот 2 од Законот под депонирани девизни влогови на граѓаните се подразбираат девизните штедни влогови и девизните сметки на граѓаните кај банките со седиште на територијата на Република Македонија депонирани кај Народната банка наЈугославија (поранешна СФРЈ) до 27 април 1992 година и девизните штедни влогови и девизните сметки на граѓаните кај деловните единици на банките со седиште надвор од територијата на Република Македонија депонирани кај Народната банка на Југославија, и преку матичните банки или директор, до 27 април 1992 година.
Со членот 3 од Законот банките се задолжени девизните штедни влогови и девизните сметки на граѓаните да ги водат во оригинални конвертабилни валути, во кои биле депонирани и на нив да ја пресметуваат и припишуваат каматата што ја утврдува Народната банка на Република Македонија.
Според член 4 став 2 заради одржување на општата ликвидност на Републиката што се утврдува како јавен интерес, обврските и правата содржани во договорите за девизните штедни влогови и девизните сметки, во време на применувањето на овој закон, мируваат, освен во случаите утврдени со закон.
Според член 7 од Законот, од депонираните девизни влогови на граѓаните, банките се должни во текот на 1993 и 1994 година да вршат исплати за задоволување на егзистенцијални потреби во денарска противвредност во висина до 100 ДЕМ месечно по штедач, по курсот на Народната банка на Република Македонија на денот на исплатата. Начинот и постапката за исплата на средствата ги утврдува Владата на Република Македонија.
Според член 8 од Законот, по исклучок од член 7 на овој закон, во 1993 и 1994 година, банките на девизните штедачи вршат исплата во денарска противвредност и за следниве намени: свадби, најмногу до 1.000 ДЕМ; смртни случаи, најмногу до 1.000 ДЕМ; исплата на обврски кои банките по основ на долгорочни кредити; лекување во Републиката; набавка на лекови и медицински помагала; партиципација за школување на високообразовни институции во Република Македонија; плаќање на данок на промет на наедвижности и права; плаќање на обврски по основ на царина и други увозни давачки за увезена стока и во други случаи определени со закон. Исплатата од став 1 на овој член се врши врз основа на соодветна документација.
Според член 9 од Законот, Владата на Република Македонија по потреба, утврдува при8оритет за исплата на одделни намени од член 8 на овој закон.
Според став 1 од член 10 од Законот, од депонираните девизни влогови на граѓаните, банките во текот на 1993 и 1994 година, од девизните средства на Републиката, ќе исплаќаат за лекување во странство, набавка на лекови и медицински помагала во странство, школување во странство и купување билет за патување во прекуокеанските држави, во висина на цената на билетот.
5. Според член 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од создавањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Доколку не се склучи договор со другите републики за правно наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, правното наследство на СФРЈ и меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно со општите правила на меѓународното право, како и согласно со Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите во 1978 година и Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите од 1982 година.
Република Македонија, не чекајќи го склучувањето на договорот или договорите со другите републики за правното наследство на СФРЈ и меѓусебните односи во смисла на наведената одредба од Уставниот закон, како рамноправен правен наследник на СФРЈ, со Законот чии одредби се оспоруваат, ја презема гаранцијата за депонираните девизни влогови на граѓаните во Народната банка на Југославија (поранешна СФРЈ) со состојба на 27 април 1992 година, односно до монетарното осамостојување на Републиката. Тоа значи, дека Законот не ги уредува прашањата на кои се однесува на системски начин за во иднина, туку го утврдува начинот на извршување на обврските што како сукцесор на бившата СФРЈ ги презеде Републиката со преземањето на гаранцијата.
Преземајќи ја гаранцијата, Република Македонија како гарант обезбедува девизни и денарски средства на банките за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните (член 1 од Законот), со што ги заштитува девизните побарувања на граѓаните од банките во кои ги вложиле девизите.
Токму поради тоа, Судот при оценкта за согласноста на оспорените законски решенија со Уставот ги имаше предвид нивниот карактер во однос на преметот на кој се однесуваат – девизните штедни влогови и девизните сметки на граѓаните депонирани до точно поределен ден и нивното временско ограничено важење во однос на примената – 1993 и 1994 година.
6. Согласно член 8 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што не допушта да бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Уставот не содржи поблиски определби за содржината на јавниот интерес, ниту за условите под кои може да се прогласи, поради што Судот смета дека е право на Собранието, во зависност од неговата оценка во секој конкретен случај, да го определи постоењето на јавен интерес. Во таа смисла, според мислењето на Судот, Собранието било овластено и одржувањето на општата ликвидност на Републиката да го утврди како јавен интерес и врз таа основа да пропише ограничување на сопственоста и во сферата на располагањето со девизите на кои се однесува законот, поради што оцени дека оспорениот член 4 став 2 не е во несогласност со член 30 од Уставот. Ова и проади тоа што со пресметување и припушување на каматата за време на мораториумот не се обезвреднуваат депонираните штедни влогови на граѓаните, бидејќи се водат во оригинална конвертабилна валута во која биле депонирани.
Судот, исто така, оцени дека оспорените одредби од Законот не се во несогласност ни со член 60 од Уставот, затоа што со прогласувањето на општата ликвидност на Републиката како јавен интерес, не се доведува во прашање уставната позиција на Народната банка на Република Македонија, според кој Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.
7. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 8 став 3 од Законот за девизно работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93), за девизите на девизните сметки и на девизните штедни книшки кај овластените банки гарантира банката кај која се вложени девизите со целокупниот свој капитал или во рамките на обезбедената гаранција, а согласно член 131 од овој Закон, обврските по девизните штедни книшки и девизните сметки на граѓаните кај банките во Република Македонија депонирани кај Народната банка на Југославија (поранешна СФРЈ) се регулираат со посебен закон.
Од Законот чии одредби се оспоруваат насомнено произлегува дека Република Македонија ја презема од Федерацијата гаранцијата за девизните штедни влогови депонирани кај Народната банка на Југославија до 27 април 1992 година, за кои, согласно член 14 став 3 од Законот за девизно работење на бившата СФРЈ (“Службен лист на СФРЈ” бр.66/85, 3/88, 59/88 и 96/91), гарантираше федерацијата.
Од изнесеното, според мислењето на Судот, произлегува дека правниот режим на девизните влогови на граѓаните до монетарното осамостојување на Републиката е уреден на различен начин од начинот на кој се уредува правниот режим на девизните влогови за кои се однесува Законот за девизно работење. Според тоа, граѓаните-девизни штедачи до критичната дата се наоѓаат во различна правна положба од девизните штедачи во постојниот систем, поради што оцени дека членовите 8, 9 и 10 од Законот не се во несогласност со член 9 од Уставот. Исто така, Судот оцени дека уставните определби за државата како социјална држава (член 1 став 1 од Уставот), со темелните вредности на уставниот поредок на Републиката за хуманизмот, социјалната праведност и солидарноста (член 8 став 1 алинеја 8), грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност (член 35 став 1), со уставната гаранција на правото за здравствена заштита (член 39 став 1) и правото на образование4 (член 44 став 1 и 2).
8. Во поглед на барањето од иницијативата на Здружението на девизните штедачи од Битола Судот да поведе постапка за заштита на уставната гаранција за забрана на дискриминација, Судот утврди дека нема повреда на оваа уставна гаранција од причините изнесени во точката 7 од ова решение, поради што оцени дека нема основа за водење постапка според член 110 став 3 од Уставот.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.