230/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 15 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Медицинскиот центар во Титов Велес, донесен со референдум на 30 јуни 1988 година, а изменет и дополнет на 25 септември 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Драган Јованов, претседател на Извршниот одбор на Синдикалната организација при Медицинскиот центар во Титов Велес, за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бодовите што биле утврдени за време поминато во потстанарски статус не биле рамномерно распределени, што не било во согласност со закон.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека веќе ја оценувал законитоста на оспорената одредба и со Решение У.бр.115/90 од 24 октомври 1990 година не повел постапка, а по повод на новоподнесената иницијатива не наоѓа основи за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.