У.бр.220/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македдонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа на седницата одржана на 25 ноември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) членовите 64 и 66 од Законот за данокот на промет на производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92, 62/92,3/93 и 4/939 и

б) Уредбата за начинот на плаќање на данокот на промет на алкохолни и безалкохолнипијалоци, минерални и газирани води (“Слижбен весник на Република Македонија” бр.69/92 и 34/92), Уредбата за начинот на плаќање на данокот на промет на тутунски преработки (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/92,84/92 и 34/93), Уредбата за начинот на плаќање на данокот на промет на кафето (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/92 и 34/93), Уредбата за начинот на плаќање на данокот на промет на пивото (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/92,84/92 и 34/93) и Уредбата за начинот на плаќање на утврдените двачки што се плаќаат при увозот на деривати и нафта (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/92,69/92,70/92,72/92 и 84/92), како и уредбите за продолжување на нивното важење (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/93).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на група пратеници во Собранието на Република Македонија, со решение У.бр.220/92, донесено на 10 март 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби и на уредбите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На јавната расправа подносителите на иницијативата останаа на своите наводи дека Уставот обврзува сите елементи на даноците да се утврдуваат со закон, а Владата да може да донесува само акти за извршување на законот, поради што се предложи поништување на оспорените законски одредби и на оспорените уредби.

Претставниците на Владата на Република Македонија истакнаа дека со Законот се утврдени стапките на данокот на промет и рамките на овластувањето на Владата, поради што менувањето и укинувањето на даночните стапки и даночните олеснувања од страна на Владата во рамките на нејзините овластувања нема законодавен карактер, туку претставува утврдување на политиката на извршување на Законот, Тие, понатаму, истакнаа дека член 91 алинеја 5 од Уставот дава основа со закон да се утврдат и други овластувања на Владата од оние што се веќе утврдени со Уставот, поради што Законот за данокот на промет има непосредна уставна основа за пропишување овластување на Владата да ја утврдува политиката на остварување на односите утврдени со Законот, заради прилагодување на даночната политика кон вкупните состојби во стопанството.

Другите учесници во јавната расправа истакнаа дека Уставот е сосема јасен и дека прашањата поврзани со даноците се уредуваат со закон, а не со акти на Владата, Овластувањето на Владата да ги менува елементите на данокот е суштинско прашање од кое зависи цената на производот и воопшто стабилноста на условите за стопанисување, поради што Уставот го резервирал уредувањето на материјата на даноците единствено за законот.

5. На седницата Судот утврди дека со Законот за данокот на промет на производи и услуги се уредени односите во оданочувањето на прометот на производи и услуги, на тој начин што се утврдени предметот на оданочувањето (членовите 3-8 и 17-19), даночниот обврзник (членовите 9, 10 и 20), даночната основица (членовите 11, 12 и 21), даночните стапки (членовите 13 и 21) даночните ослободувања (членовите 14-16), начинот на настанувањето на обврската за пресметување и плаќање на данокот (членовите 24-41) и друго.

Според член 64 од Законот, по исклучок од одредбата од член 14 од Законот (со кој се утврдени производите на кои не се плаќа данок), Владата на Република Македонија може, како привремена мерка на производи да се плаќа и на прометот на основните производи на земјоделството и рибарството, ако е тоа потребно заради усогласување на односите во цените на одделни производи наменети за извоз, како и заради стабилноста на стопанството и снабденоста на пазарот. Привремената мерка може да трае најдолго една година. Владата на Република Македонија го известува Собранието на Република Македонија за почетокот на примената, траењето и престанокот на привремената мерка.

Со член 66 став 1 од Законот Владата е овластена, заради спречување и отстранување на растројствата на пазарот, односно во стопанството или поради други вонредни потреби на земјата, да може како привремена мерка на тековната економска политика да ги зголемува стапките на данокот на промет на одделни производи или на група производи што се определени во Тарифата на данокот на промет до 50% и да може тие стапки да ги намалува и да ги укинува, како и да го пропишува начинот на плаќање на данокот на промет на одделни производи. Според став 2 од оваа одредба, привремената мерка може да трае најдолго шест месеци, а Владата има обврска за почетокот, траењето и завршувањето на таквата мерка писмено да го извести Собранието на Републиката веднаш, а најдоцна во рок од седум дена. Според ставот 3, траењето на привремената мерка може да се продолжува секои шест месеци, со тоа што повторно се утврдуваат причините за нејзиното продолжување.

Судот утврди дека со уредбите означени во точката 1 под б) на оваа одлука е уреден начинот на плаќање на данокот на промет на одделни производи. Судот, понатаму, утврди дека тие се засновани на член 66 став 1 од Законот означен во точката 1 под а) на оваа одлука. Судот, исто така, утврди дека освен начинот на плаќање на данокот, со уредбите на поинаков начин од начинот пропишан со Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на даночниот обврзник, даночната основица, даночните ослободувања и слично. Во таа смисла, со уредбите е утврдено дека обврзник за плаќање на Данокот на промет на одделните производи е производителот односно увозникот на производителот, а не продавачот што производот го продава на крајниот потрошувач, како што е утврдено во Законот (член 9). Понатаму, со оспорените уредби е пропишано на производите на кои тие се однесуваат да не се применуваат даночните ослободувања и олеснувања што се утврдени со Законот (член 14).

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката е поделбата на државната власт на законодавната, извршна и судска.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и е носител на законодавната власт во Републиката, а според член 68 став 1 алинеја 2, тоа донесува закони и дава автентично толкување на законите, а според алинеја 3, ги утврдува јавните давачки.

Владата на Република Македонија, согласно член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91, Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и донесува прописи за извршување на законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека данокот и другите јавни давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија со закон, со кој, како негови основни елементи мораат да се определат предметот на оданочувањето, даночните обврзници, даночните стапки и даночните ослободувања и олеснувања. Од нив, исто така, произлегува дека вршењето на законодавната функција не е само право, туку и обврска на Собранието, која не може надвор од случаите утврдени со Уставот, со закон да се пренесува на Владата, Регулативната функција на Владата, како носител на извршната власт, е ограничена на донесување уредби и други прописи и општи акти за извршување на законите и на другите прописи на Собранието.

Судот оцени дека со Законот за данокот на промет на производи и услуги, во смисла на член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, целосно се утврдени сите елементи на овој данок како еден вид јавна давачка (предметот на оданочувањето, даночниот обврзник, даночната основица, даночните стапки, даночните ослободувања и олеснувања, начинот на настанувањето на обврската, начинот на плќање на данокот, начинот и постапката за искажување и евидентирање на данокот и слично), а не само рамките за нивното доуредување од страна на Владата. Поради тоа, Судот смета дека секое овластување дадено на Владата за менување на со закон утврдените елементи на овој данок претставува пренесување на законодавната надлежност на Собранието врз Владата. Притоа, Судот смета дека суштината на уставната обврска даноците да се утврдуваат само со закон е да се пружи уставна гаранција дека јавните давачки нема да бидат подложни на менување со акти пониски од закон. Судот оцени дека овластувањето на Владата да донесува прописи со кои ги менува или ги укинува стапките на данокот и ги менува обврзниците на данокот и начинот на неговото плаќање, како и самите тие прописи, немаат карактер на мерки на политика на извршување на Законот, туку претставуваат негово менување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби и оспорените уредви не се во согласност со наведените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

При определувањето за видот на одлуката Судот ги ценеше наводите од подносителите на иницијативите, меѓутоа оцени дека евентуалното поништување на оспорените акти, кое подразбира поправање на сите последици настанати со нивната примена, ќе предизвика големи растројства во стекнатите права односно во правната сигурност.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.