У.бр.140/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 44-а став 2 од Законот за привремени мерки за измени и дополненија на Законот за девизното работење (“Службен лист на СФРЈ” бр.82/90).
2. На Устанвиот суд на Република Македонија, АД “Макотекс” експорт-импорт од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Врховниот суд на Македонија при одлучувањето го применувал овој закон и за односите настанати пред неговото донесување, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 135 од Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93), Законот за девизното работење (“Службен лист на СФРЈ” бр.66/85, 13/86, 3/88, 59/88, 82/92, 22/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.4/93) престанал да се применува на територијата на Република Македонија на 14 мај 1993 година.
Со оглед на тоа што со иницијативата не се оспорува законската одредба во суштина, туку нејзината примена, а оспорениот закон престанал да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за нејзиното оценување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.