У.бр.32/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 21 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 окромври 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 38 и член 60, во делот што се однесува на исклучувањето на Лотарија на Македонија од обврската за издвојување на 15% од остварениот приход на посебна републичка сметка, од Законот за игри на среќа и забавни игри на автомати (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89 и 4/93).

2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 60, освен во делот што гласи “освен Лотарија на Македонија” и член 61 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите од “Атлантик” од Умаг, ПОСУТТ “Тиквеш” од Неготино, МП “Интертрејд касино” од Тетово и Светлана Петровска – адвокат од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точките 1 и 2 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија.

5. На седницата Судот утврди дека со член 38 од Законот е утврдена забрана за работните луѓе што вршат дејност со личен труд и средства на трудот во сопственост на граѓаните, за граѓаните и за граѓанско-правните лица да поставуваат автомати за игри на среќа.

Судот, понатаму, утврди дека со член 60 од Законот е пропишана обврска за приредувачите на игрите, освен за Лотарија на Македонја, да уплатуваат на посебна сметка на Републиката 15% од остварениот приход. Со член 61 е утврден начинот на распоредување на приходите на Лотарија на Македонија, и тоа: за исплата на добивки, за вршење на дејноста, захуманитарни организации, за Црвен крст на Македонија, за организации за физичка култура, за организации за техничка култура, за воспитно-рекреативни активности на младите и друго, што, согласно член 56 од Законот, го врши Советот на Лотарија на Македонија.

6. Според став 1 на член 55 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување. Според ставот 3, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Судот смета дека уставниот принцип, според кој претпријатијата и другите субјекти на пазарот се рамноправни во вршењето на својата дејност и во стекнувањето на доход, претставува уставна пречка при законското уредување на условите за вршење определени дејности дда се утврдуваат различни услови, а со тоа и различна положба на различни субјекти во вршењето на иста дејност. Судот, понатаму, смета дека во рамките на уредувањето на условите за вршење на определени дејности, во зависност од нивните специфичности, со закон можат да се утврдуваат и посебни услови, но тие мора еднакво да се однесуваат на сите субјекти кои ја вршат соодветната дејност.

Поради тоа, Судот оцени дека со одредбите на член 38 од Законот се ограничува правото на определени субјекти да поставуваат автомати за игри на среќа, со што се ограничува слободата на вршењето на оваа дејност на пазарот надвор од случаите и условите за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото утврдени со Уставот.

Судот, понатаму, оцени дека со член 60 од Законот, обврската за издвојување на 15% од приходот од игри на среќа се утврдува за сите приредувачи на игри на среќа, освен за Лотарија на Македонија, со што овие субјекти се доведуваат во нееднаква положба.

Поради тоа, член 60, во делот со кој се исклучува Лотарија на Македонија од обврската за издвојување 15% од приходот, не е во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Судот, понатаму, смета дека за еднаквата правна положба на Лотарија на Македонија, од една страна и на другите приредувачи на игри на среќа, од друга страна, суштинска е висината и начинот на издвојувањето на делот од приходот што се уплатува на посебна републичка сметка, а дека е работа на законот, во рамките на уредувањето на положбата на Лотарија на Македонија да ја пропише и надлежноста на Советот на Лотарија на Македонија да одлучува за намените на средствата на Лотарија на Македонија остварени со игрите на среќа.

Поради тоа, Судот оцени дека нема основи за натамошно водење на постапката за оценување уставноста на член 61 од Законот, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласи во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.