У.бр.182/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Слободан Горѓиев од село Лозово, Општина Свети Николе, за заштита на слободата на уверувањето гарантирана со Уставот на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Слободан Горгиев од село Лозово, Општина Свети Николе, му поднесе барање за заштита на слободата на уверувањето, што му било повредено со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Кж.бр.82/91 од 16 октомври 1991 година.

3. Судот на седницата утврди дека со означената пресуда подносителот е огласен за виновен за сторено кривично дело измама и фалсификување на исправа и притоа му е утврдена единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата, политичкото здружување и делување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што подносител бил осуден за кривично дело измама и фалсификување на исправа, а не поради користење на слободата на уверувањето, Судот утврди дека не е во прашање право што го штити Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.