Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1.СЕ УКИНУВА Одлуката за воведување инвестиционен денар на комунални услуги, донесена од Собранието на Општина Виница на 11 декември 1992 година (“Службен гласник на Општина Виница” бр.5/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Виница”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.65/93 од 9 јуни 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 33 и 114 од Уставот и со членовите 44, 45 и 46 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/89 и 21/91).
4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се пропишува обврска за плаќање наменски инвестиционен денар во висина од 20% од цената на комуналните услуги (вода, канализација и смет).
Средствата од инвестициониот денар се приход на општината и се користат со посебна програма за наменско користење на средствата од инвестициониот денар за подобрување на комуналната хигиена, набавка на погребно возило, возило за смет, за градската водоводна и канализациона мрежа и за други комунални потреби на градот.
Инвестициониот денар се наплатува од домаќинствата, претпријатијата, установите и другите корисници, а наплатата ја врши Јавното претпријатие “Солидарност” во Виница, преку месечните сметки за комунални услуги. Средствата се уплатуваат месечно на посебна сметка на Општина Виница за период од 2 години.
5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник наСРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91), Собранието на Општината со одлука може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлуката се уредува висината, роковите, плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот.
Според член 45 од Законот, надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор, а според членот 48, надоместокот се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот.
Според член 46 од Законот средствата од надоместокот се користат за финансирањето на изградбата на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште во согласност со посебна програма. По исклучок, дел од средствата за надоместок за употреба на градежното земјиште во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и на инсталациите, што се утврдува со програмата.
Од наведените законски одредби произлегува дека заради обезбедување средства за уредување на градежно земјиште Собранието на Општината може да пропише обврска за плаќање на надоместок и да ги определи висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот.
Исто така, од наведените законски одредби произлегува дека средствата што се собираат од надоместокот за употреба на градежното земјиште се насочуваат за неговото опремување, односно за реконструкција, модернизација и изградба на комунални објекти и инсталации. Законот допушта можност за одржување на постојната комунална инфраструктура да се употреби дел од средствата од надоместокот (до 30%).
Независно од тоа што оспорената одлука е донесена врз основа на член 44 од Законот за градежното земјиште, Судот смета дека утврдениот начин на издвојување на инвестициониот денар и определувањето на намени кои не можат да се финансираат од средствата собрани од надоместокот за употреба на градежно земјиште го надминува законското овластување на општината, поради што оцени дека не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, АрифАрифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.