Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 септември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 4 од Законот за исплата на личните доходи на средствата за непосредна заедничка потрошувачка и на средствата за исхрана на работниците во текот на работата (“Службен лист на СФРЈ” бр.37/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Петров – независен пратеник од Гевгелија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил усогласен со Уставот на Република Македонија во рокот што бил предвиден во членот 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот и што предвидувал издавање на интерни акции само во дејностите утврдени со закон, со што се нарушувала еднаквоста на сите правни субјекти.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената одредба од законот се однесува за периодот од декември 1989 до ноември 1990 година, односно дека била на снага определен временски периоди, а престанала да важи со протекот на рокот определен со законот.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од законот престанала да важи пред поднесување на иницијативата, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на неговата уставност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Радичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.