Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 35,36 и 37 од Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците во претпријатието “Трикотажа” во состав на Текстилниот комбинат “Битолатекс” – Битола, донесен на референдум одржан на 9 јуни 1987 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Вељанка Илиевска од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 35,36 и 37 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со закон.
Воедно, со иницијативата се бара Судот со времена мерка да ја запре постапката за распределба на станот врз основа на оспорените одредби од Правилникот.
3. Судот на седницата утврди дека во Правилникот се определени основни и дополнителни критериуми за распределба на становите. Како основни критериуми се предвидени степено на станбената загрозеност, работниот придонес на работникот и пензискиот стаж, а како дополнителни – материјалната положба на работникот и членовите на неговото семејно домаќинство, здравствената состојба на работникот и на членовите на неговото семејно домаќинство и изгубената работна способност на работникот, бројот на членовите на семејното домаќинство на работникот и самохрана мајка. Секој од овие критериуми е расчленет и вреднуван со определен број на бодови. Така, во членот 35 е разработен начинот на вреднувањето на основните и дополнителните критериуми. Во членот 36, според степенот на станбената загрозеност се утврдува начинот на вреднувањето на одделните подкритериуми, а во членот 37 – начинот на вреднувањето на работниот придонес.
4. Според член 42 и 42-а од Законот за станбени односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/73,14/75,27/86,21/89,1/90 и 11/91) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се уредуваат основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Имајќи ги предвид овие одредби, Судот оцени дека е право на организацијата со општ акт да ги уредува распределбата и користењето на средствата, а во тие рамки и критериумите и мерилата за решавање на станбените потреби на работниците, почитувајќи ги притоа принципите на распределба според трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Правилникот се утврдени критериуми и мерила за распределба на становите кои го изразуваат трудот на работниците и принципот на солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со означените законски одредби. Дали пак, оспорените одредби се правилно применети во однос на подносителката на иницијативата е прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Од овие причини Судот оцени дека нема услови ни за изрекување на времена мерка – запирање од извршување на поединечните акти донесени со примена на оспорените одредби од Правилникот
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.