129/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместокот за употреба на градежно земјиште во град Штип, донесена на 11 февруари 1993 година и
б) Одлуката за измена и Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште во град Штип, донесена на 24 и 29 јуни 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Општинскиот одбор на Сојузот на здруженијата на борците на Македонија во Штип, му поднесе иницијатива со барање за поведување постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што со извршените измени надоместокот се корегира согласно со порастот на цените на мало секој месец и тие се зголемени за 200 пати и што не е предвидено секој обврзник да добие решение за задолжување со надоместокот, со што било оневозможено правото на жалба, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека Собранието на општината донело Одлука за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште, со која е изменета и дополнета Одлуката за утврдување на надоместок по единица површина и надоместокот се корегира со порастот на цените на мало според податоците од Републичкиот завод за статистика.
На 29 јуни 1993 година, Собранието на Општината донело Одлука за измени на Одлуката за утврдување на надомест за употреба на градежно земјиште, со која надоместокот се утврдува во годишен износ, а се наплатува месечно.
4. Согласно член 44 од Законот за градежното земјиште, собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште, а со одлуката на собранието на општината се утврдува висината, роковите и начинот на пресметувањето на надоместокот. Овој надоместок, според член 45 од Законот се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден користен простор.
Од изнесените законски одредби произлегува дека собранието на општината е овластено да ги утврдува висината и начинот на плаќањето на надоместокот за употреба на градежно земјиште.
Со оглед на тоа што со оспорените одлуки Собранието на Општината ги утврдило висината и начинот на плаќање на надоместокот за употреба на градежно земјиште, Судот оцени дека не може да се постави прашање за нивната согласност со означените законски одредби.
5. Во врска со наводот во иницијативата дека со измените не е предвидено да се донесува решение, со што е оневозможено правото на жалба, Судот утврди дека Собранието на Општината донело решение за задолжување на обврзниците, поради што овој навод не го уважи.
6. Што се однесува до наводот за висината на надоместокот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за тоа.
7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.