У.бр.264/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Програмата за поставување на времени објекти во град Неготино, донесена од Собранието на Општината на 2 јули 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Неготино.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Ѓорѓи Митрев од Неготино, со Решение У.бр.264/92 од 2 јуни 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на програмата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 34-б од Законот за изградба на инвестициони објекти.

4. На седницата, Судот утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, со акт бр.08-2135 од 27 јуни 1991 година, дало согласност на предлог-програмата, под услов претходно да се вградат забелешките што Министерството ги имало на предлог-програмата. Судот, исто така, утврди дека во донесената програма не се вградени забелешките дадени од Министерството.

5. Според член 34-б од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на СРМ” бр.15/90 и 11/91), за поставување на времени објекти собранието на општината донесува програма по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај, претходната согласност била условена со вградување на определени забелешки во Програмата, а тие не се внесени во донесената Програма Судот оцени дека нема претходна согласност на Програмата, поради што оцени дека таа не е во согласност со означената законска одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.