У.бр.201/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Буџевски Станое од Битола за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Буџевски Станое од Битола му поднесе барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност сторена со Решението бр.04-1872 за престанок на работниот однос, донесено од директорот на АД Трикотажа “Пелистер” од Битола, на 27 август 1992 година со Пресудата на Врховниот суд на Македонија, донесена на 23 март 1993 година.

3. Судот на седницата утврди дека со означеното решение на подносителот му престанал работниот однос, со образложение дека неоправдано отсуствувал непрекинато пет работни дена, а со пресудата на Врховниот суд жалбата на Буџевски Станое се одбива како неоснована.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата, политичкото здружување и делување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

СДпоред член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од социјалното потекло, што значи дека при остварувањето на определени права и слободи гарантирани со Уставот граѓаните под еднакви услови не можат различно да се третираат во зависност од нивното социјално потекло.

Според мислењето на Судот, во конкретниот случај не станува збор за повреда на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, туку за повреда на право од работен однос, за чија заштита одлучуваат органите во претпријатието и надлежниот суд.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.