Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за образување надзорен одбор во Јавното претпријатие за уредување и употреба на градежно земјиште “Геоинженеринг” во Тетово, донесена од Собранието на Општината Тетово на 3 јуни 1993 година.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Тетово”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Драгутин Тевдовски-вршител на должноста директор на Јавното претпријатие “Геоинженеринг” во Тетово, со решение У.бр.136/93 од 7 јули 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 115 од Уставот на Република Македонија и со член 9 од Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес. Истовремено, Судот нареди запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување конечна одлука на Судот.
5. На седницата Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на членовите 20-23 од Законот за претпријатијата и дека со неа се образува надзорен одбор и се уредува делокругот и начинот на неговата работа.
6. Во член 115 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека во општините граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, меѓу кои и од областа на комуналните дејности.
Во членовите 20-23 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88 и 40/89) беше предвидено општините да можат да основаат јавни претпријатија и во нив да формираат надзорен одбор. Меѓутоа, со член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.46/90), означените законски одредби престанале да важат, со што престана основот врз кој се темели оспорената одлука.
Правата и должностите на општината спрема организациите од областа на комуналните дејности се определени со Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), при што во член 9 од Законот е определено во управувањето со овие претпријатија да учествуваат и претставниците на општествената заедница, меѓу кои и општината.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека општината е овластена да учествува во управувањето со организациите што вршат комунални дејности преку свои претставници во органите на управувањето, а не да образува посебни органи преку кои ќе врши надзор над работењето на јавното претпријатие.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се образува надзорен одбор за работеето на Јавното претпријатие “Геоинженеринг” во Тетово, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.