28/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 62 до 79 од Законот за поштенските, телеграфските и телефонските услуги (“Службен лист на СФРЈ” бр.2/86 и26/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија “Балканија комерц” од Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постака за оценување уствноста на членовите 62 и 79 од законот означен во точката 1 на ова решение, затоа што не биле во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од Законот за поштенските, телеграфските и телефонските услуги, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, се утврдуваат прашањата поврзани со телефонските услуги: содржината на телефонските услуги, телефонските разговори и нивното предвремено прекинување, условите под кои правното лице или поединец може да стане телефонски претплатник, обврските на ПТТ претпријатието за приклучување на претплатничките телефонски уреди по поднесените барања, одговорноста на телефонските претплатници за употребата на телефонот и за плаќањето на телефонските услуги, засновањето на претплатничкиот однос помеѓу ПТТ претпријатието и телефонскиот претплатник, приклучувањето на телефонските уреди на ПТТ мрежата, одржувањето на телефонските уреди и инсталации од страна на телефонските претплатници и правото на ПТТ претпријатието да врши преглед на исправноста на претплатничките телефонски уреди, приврменото исклучување на телефонот од сообраќак, престанок на претплатничкиот однос помеѓу телефонскиот претплатник и ПТТ претпријатието, преносот на претплатничкиот однос на нов телефонски претплатник, приклучување на телефонот на мрежата во случај на преселување на телефонскиот претплатник во друг стан, правото на рекламација на износот за извршени телефонски услуги и други прашања поврзани со телефонските услуги.
4. Според член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Законот се уредуваат односи во пружањето на телефонските услуги, а не се однесуваат на сопственосните права на корисниците на услугите, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 30 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Гилип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.