131/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 2 алинеја 1,2,3,4 и 5 од Одлуката за определување на работни места што имаат карактер на определени должности во казнено-поправните и воспитно-поправните установи и во Министерството за правосудство и управа и за обезбедување на поголем личен доход на работниците на определени должности, донесена од Владата на Република Македонија на 10 мај 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Петар Цветановски, дипломиран правник од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорените одредби од одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 68 став 1 од Законот за извршување на кривични санкции и стопански престапи, со кој Владата била овластена да определува посебни работни места само во казнено-поправните установи, а не и во Министерството за правосудство и управа, во кое посебните работни места треба да се утврдат со закон.
Воедно, со иницијативата се бара Судот да ја запре од извршување оспорената одлука..
3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката Владата ги определила работните места на определени должности во казнено-поправните и воспитно-поправните установи и во Министерството за правосудство и управа на кои тежината на работите и посебните услови под кои тие се вршат битно влијаат на намалување на работната способност, за кои е предвиден и поголем личен доход за 20% од личните доходи на работниците со соодветни квалификации односно стручна подготовка, при што во оспорените алинеи на член 2 од Одлуката се определени таквите работни места во Министерството за правосудство и управа.
4. Судот утврди дека со Законот за извршување на санкциите за кривични дела и стопански престапи (“Службен весник на СРМ” бр.19/79,50/82,42/85,36/86,46/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.19/92), покрај начинот на извршување на санкциите и видовите на казнено-поправните установи, се определува и статусот на одделни работници кои работат на посебни работни места во органите и установите кои се надлежни за извршување на кривичните санкции и стопанските престапи. Така, во член 68 став 1 се определени работните места на определени должности во казнено-поправниот дом, на кои тежината на работите и посебните условуи под кои тие се вршат битно влијаат врз намалувањето на работната способност. Како такви работни места во Законот се определени стражата за обезбедување, воспитувачите, здравствените работници и инструкторите во посебни стопански организации и посебни стопански единици.
Во став 2 на овој член од Законот е дадено право на Владата да определи и други работни места што имаат карактер како работните места во став 1 на овој член на Законот и тоа не само во казнено-поправните установи и казнено-поправните домови, туку и во Министерството за правосудство и управа.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека Владата со оспорената одлука не ги пречекорила своите законски овластувања, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Одлуката со означените законски одредби.
Со оглед на тоа што Судот оцени дека нема основ за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената одлука, оцени дека не се исполнети условите за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката, утврдени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Биривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.