Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Одлуката за основање на јавно претпријатие за аеродромски услуги “Македонија” во Скопје, донесена од Собранието на СР Македонија на 8 ноември 1990 година (“Службен весник на СРМ” бр.38/90).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Дочка Меновиќ од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што дејноста на означеното претпријатие не била од таков карактер за да би можело да се основа како јавно претпријатие, поради што Одлуката не била во согласност со член 24-а став 2 од Законот за претпријатијата.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука Собранието на СР Македонија, врз основа на Законот за користење на воздухопловните пристаништа, го основало означеното јавно претпријатие од постојното претпријатие за аеродромски услуги “Аеродром-Скопје” и претпријатието за аеродромски услуги, туризам и угостителство “Аеродром Скопје”.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, затоа што со неа не се уредуваат односи на општ начин, поради што не е надлежен да ја оценува нејзината законитост.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.