148/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 и член 112 од Уставот на Република Македонија, по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ.
а) членовите 1 и 3, член 5 став 2, член 6 став 1 членовите 9 и 10, член 12 став 1 точка 1 и 3 во делот што се однесува на претпријатијата од член 3 од Законот и на заедничките критериуми за формирање на цените и член 15 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89);
б) членовите 1 и 2 од Законот за општествена контрола на цените (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/90 и 13/92);
в) Одлуката на Владата на Република Македонија за начинот на формирање на цените на производите во прометот на големо односно на мало (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/92 и 46/92);
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на:
а) членовите 2 и 4, член 5 став 1, член 6 став 2, членовите 7 и 11, член 12 став 1 точка 2 и ставовите 3, 4 и 5 и членовите 13, 14, 16, 17, 18, 19, 21, 22 и 23 од законот означен во точката 1 под а) на оваа одлука;
б) членовите 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од законот означен под точка 1 под б) на оваа одлука;
в) одлуките на Владата на Република Македонја бр.23-1423/1 и бр.23-1429/1 од 25 април 1992 година, за определување на највисокото ниво на цените на одделни производи и услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92), и
г) одлуката на Владата на Република Македонија бр.23-85/2 од 1 февруари 1993 година за определување највисоко ниво на цените на одделни комунални услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/93).
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.148/92 од 10 март 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
5. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), се уредува системот на општествена контрола на цените на производите и услугите и се утврдуваат правата и обврските на органите на општествено-политичките заедници во вршењето на општествената контрола на цените. Според член 2 претпријатијата ги формираат цените слободно, според условите на пазарот. Според членот 3 претпријатијата што вршат дејност во областа на електростопанството, железничкиот сообраќај и поштенскиот, телефонскиот и телеграфскиот сообраќај ги формираат цените врз основа на заеднички критериуми што ги утврдуваат во своите заедници. Според член 5 при формирањето на цените на производите и услугите, претпријатијата и нивните форми на здружување односно на организирање не можат да се договараат односно да ги утврдуваат цените за исти видови производи или услуги. Според член 6 под општествена контрола на цените се подразбира активноста на органите на општествено-политичките заедници во следењето на движењето на цените и на односите на цените и во преземањето мерки заради спречување и отстранување на растројствата на пазарот. Според член 7 претпријатијата што се занимаваат со производство и промет на нафта и деривати од нафта, земен гас, јаглен, кокс, од црната и обоената металургија, од базната хемија и лекови за хумана употреба цените ги формираат врз основа на пазарните критериуми што ги утврдуваат самостојно. Според членовите 8, 9 и 10 претпријатијата од член 3 на Законот се должни заедничките критериуми да ги достават на увид до Сојузниот извршен совет, а цените на производите и услугите формирани врз основа на тие критериуми-до сојузниот орган на управата надлежен за работи на цените, најдоцна пет дена пред нивната примена. Според член 11 од Законот, за земјоделските производи што ќе ги утврди надлежниот орган во Републиката можат да се пропишат заштитни цени. Според член 12 став 1 мерките за непосредна контрола на цените се пропишуваат исклучително и тоа: ако настапат или ако можат да настапат големи растројства на пазарот и во движењето на цените; заради спречување на монополското формирање на цените и ако претпријатијата од член 3 и 7 на Законот не ги формираат цените врз основа на заедничките односно пазарните критериуми. Според ставовите 2, 3, 4 и 5 при пропишувањето на мерките за непосредна контрола на цените на одделни производи и услуги се тргнува од просечните производствени трошоци, од нивото и односите на цените на странскиот пазар на кој се разменуваат три производи и услуги, од увозните и извозните цени и од показателите на ефикасноста на стопанисувањето. Мерката за непосредна контрола на цените може да трае најдолго шест месеци. Ако не се подобри состојбата на пазарот односно не престанат причините поради кои е пропишана мерката, траењето на мерката за непосредна контрола на цените може да се продолжи, со тоа што на секои шест месеци повторно се утврдува постоењето на причините за нејзиното задржување.
Според член 13, мерки на непосредна контрола на цените се највисоките цени, односно највисокото ниво на цените, враќањето на цените на определено ниво и начинот на формирањето на цените. Според член 14 од Законот, мерките на непосредна контрола на цените од интерес за целата земја ги пропишува Сојузниот извршен совет, а со член 15 е утврдено кои производи (сите производи освен производите од областа на занаетчиството и личните услуги, станбено-комуналната дејност и уредувањето на населбите и просторот, образованието, науката и културата и информациите) и услуги (превозот на стоки и патници во железничкиот сообраќај и во воздушниот сообраќај, аеродромските услуги и услугите на ПТТ сообраќајот) се од интерес за целата земја. Со член 16 се пропишани дејствија што ги преземаат органите на управата надлежни за цените во следењето и анализирањето на цените.
Со член 1 од Законот за општествена контрола на цените (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/90 9 13/93) е предвидено дека со него се уредува општествената контрола на цените на производите и услугите од интерес за Републиката. Со член 2 од Законот се наброени производите (учебници, лектори и весници и списанија од републички карактер) и услугите (радиодифузијата, превозот на патници во јавниот патен сообраќај, осигурување на имот и лица, игри на среќа, контрола на квалитетот и квантитетот на стоките, услугите во студентските домови и банкарските услуги) што се од интерес за Републиката. Со член 3 од Законот е утврдено овластување на Владата на Република Македонија да ги утврдува земјоделските производи за кои се пропишуваат заштитни цени и височината на тие цени, а со член 4 овластување на Владата да ги пропишува мерките на непосредна контрола на цените за производите и услугите од интерес за Републиката.
Понатаму, Судот утврди дека со оспорената одлука означена во точката 1 под в) на оваа одлука се уредува начинот на формирање на цените на производите во прометот на големо и мало, и тоа, според точките 1 и 2, во прометот на големо и мало стапката за покритие на трошоците на прометот да изнесува најмногу до 30%, а за лековите 8%, односно 12%. Според точката 3 од Одлуката трошоците за транзит не смеат да бидат поголеми од 50% од стапките за покритие на трошоците на прометот. Со точките 5, 6 и 7 се дефинираат набавната цена и зависните трошоци.
На седницата Судот, исто така, утврди дека со оспорената одлука бр.23-1423/1, заради отстранување на растројствата на пазарот, се утврдува највисокото ниво на цените на: преносот на електрична енергија, дистрибуција на електрична енергија, производство на нафтени деривати; производство на млеко; искористување и употреба на вода за наводнување; промет на мало со нафтени деривати; производство и дистрибуција на вода; пречистување и одведување на отпадни води, производство и дистрибуција на топлотна, парно греење и термална вода; други комунални услуги (гробишта, погребни услуги), учебници за основно и средно образование; детски градинки; производство на промет на леб; производство и промет на масло за јадење и станарина, на тој начин што како највисоко ниво на цените се пропишани цените што според постојните прописи се формирани и применети на денот на влегувањето во сила на одлуката. Најпосле, со оспорената одлука бр.23-1429/1 се пропишува највисокото ниво на цените на: искористување и употреба вода за наводнување; производство и дистрибуција на вода; пречистување на одведување на отпадни води; производство и дистрибуција на топлотна, парно греење и термална вода; станарина; други комунални услуги (гробишта, погребни услуги); учебници за основно и средно образование; детски градинки, со тоа што цените на тие услуги да можат да се зголемат до 30% во однос на нивото на цените одредени за месец март. Со точка 2 од оваа одлука е определено дека цената на електричната енергија се одредува на просечно ниво од 5 денари за КВ тч. во стопанството и 6 денари по КВ тч. за домаќинствата.
Судот утврди дека во текот на постапката овие три одлуки престанале да важат.
6. На јавната расправа претставниците на Владата го изнесоа мислењето на Владата за тоа дека оспорените закони содржат овластување за мерки на непосредна контрола на цените како единствен инструмент во актуелниот правен систем со кој се влијае на спречувањето на пореметувањето и растројствата на пазарот предизвикани со монополското однесување на одделни субјекти. Тие истакнаа дека новиот Устав на Република Македонија нема директна основа за законско уредување на прашањата поврзани со формирањето на цдните и контролата на цените на производите и услугите на пазарот, меѓутоа, основа за пропишување на вакви мерки претставува одредбата на член 55 став 2 од Уставот, според која Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување, како и одредбата на член 35 став 1 од Уставот, според која Републиката има обврска да се грижи за социјалната сигурност на граѓаните врз начелата на социјалната праведност и хуманизмот.
7. Со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според ставот 2 на оваа уставна одредба Републиката има уставна обврска да обезбедува еднаква правна положба и монополското однесување на пазарот. Според ставот 3 слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата и животната средина или здравјето на луѓето.
8. Согласно член 8 алинеја 8 и член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, хуманизмот и солидарноста.
9. Имајќи предвид дека Уставот на Република Македонија не содржи основа за законско уредување на системот на општествена контрола на цените, како што беше случај со претходниот устав, туку само обврска на Републиката да презема мерки против монополската положба и монополското однесување, како и обврска да се грижи за социјалната сигурност на граѓаните, како и тоа дека несомнен елемент на слободата на пазарот е слободното формирање на цените на производите и услугите, Судот оцени дека не се во согласност со Уставот оние одредби од оспорените закони со кои се уредува системот на општествена контрола на цените и односите што од него произлегуваат.
Во таа смисла Судот оцени дека не се во согласност со Уставот членовите 1, член 6 став 1 и член 12 став 1 точката 1 и 3 во делот кој се однесува на претпријатијата од членот 3 од Законот за системот на општествена контрола на цените и на заедничките критериуми за формирање на цените, како и членот 1 од Законот за општествена контрола на цените.
Понатаму, Судот оцени дека членовите 8, 9 и 10 не се во согласност со Уставот, затоа што налагаат договарање за формирање на цените на определени претпријатија, што е забрането како антимонополска мерка.
Судот, исто така, оцени дека член 15 од Законот за системот на општествена контрола на цените и член 2 од Законот за општествена контрола на цените не се во согласност со Уставот, затоа што во уставниот систем не постои основа за поделба на производи и услугите врз кои постои контрола на цените врз основа на поделбата на интересите на одделните општествено-политички заедници.
10. Тргнувајќи од оценката дека контролата на цените на производите и услугите има уставна основа во обврската на Републиката да презема мерки против монополската положба и монополското однесување, Судот оцени дека не е во несогласност со Уставот утврдување на слободно формирање на цените како основен принцип во формирањето на цените на конпензацијата како една од економските мерки на влијание на цените на земјоделските производи, на забраната за договарање на претпријатијата и на нивните здруженија при утврдувањето на цените на исти производи и услуги, на видовите мерки на непосредна контрола на цените и на надлежноста на органите на Републиката за нивното преземање.
Поради тоа, Судот оцени дека членовите 2 и 4, член 5 став 1, член 6 став 2, членовите 7 и 11, член 12 став 1 точка 2 и ставовите 2, 3, 4 и 5 и членовите 13, 14, 16. 17, 18, 19, 21, 22 и 23 од Законот за системот на општествена контрола на цените и членовите 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за општествена контрола на цените не се во несогласност со Уставот.
11. Со оглед на тоа што со оспорената одлука за начинот на формирање на цените на производите во промет на големо односно на мало се уредува начинот на формирање на цените на сите производи, а не само на оние што се резултат на монополска положба и монополско однесување, Судот оцени дека соодветните односи се уредуваат надвор од уставните рамки за пропишување на мерките на контрола на цените, поради што одлучи дека таа не е во согласност со Уставот.
12. Со оглед на тоа што оспорените одлуки означени во точката 1 под в) и г) на оваа одлука престанале да важат, Судот оцени дека нема основи за натамошно водење на постапката за оценување на нивната согласност со Уставот и законот.
13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
14. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.