Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за вршење на линиски градски и приградски јавен превоз на патници на подрачјето на Општината Тетово, донесена од Извршниот одбор за вршење на работите на Собранието на Општината на 30 декември 1991 година и посебно на член 10 став 3 од означената одлука.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Општественото претпријатие “Слога-транс” во Тетово за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката и одредбата од одлуката означени во точката 1 од ова решение, затоа што Одлуката била донесена од Извршниот одбор, а не од Собранието на Република Македонија и што со оспорената одредба на Одлуката се пропишувал услов кој не бил предвиден со закон, поради што тие не биле во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се уредуваат условите и начинот на вршење превоз на патници, при што во оспорениот член 10 став 3 е определено дека превозникот може да врши превоз ако возилото наменето за тоа не ја надминува старосната граница од 10 години.
4. Според член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на СРМ” бр.36/90 и 32/91), собранието на општината донесува поблиски прописи за условите за вршење на линиски градски и приградски превоз, а според алинеја 3 на ставот 2 од истиот член на Законот, со прописите од став 1 на овој член се утврдуваат техничко-експлоатационите услови на моторните возила.
Согласно член 14-а од Уставниот закон за спроведување на Амандманите 57-80 од Уставот на СРМ (“Службен весник на СРМ” бр.28/90 и 17/91), Извршниот одбор за вршење на работите на Собранието на Општината Тетово бил овластен да ги врши работите на Собранието на Општината, а во тие рамки и да ги уредува прашањата завршење линиски градски и приградски превоз на патници.
Од изнесените законски одредби произлегува дека поблиското уредување на прашањата за линиски градски и приградски превоз на патници е во надлежност на собранието на општината, како и техничко-експлоатационите услови на моторните возила.
Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена од орган кој бил овластен да ги врши работите на Собранието на Општината и што, според Законот, со пропис на општината може да се уредуваат техничко-експлоатационите услови на моторните возила, меѓу кои, според мислењето на Судот, е и староста на возилата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката и означените одредби од законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.