Вовед
1/1
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) членовите 19-34 од Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување нови потрошувачи и зголемување моќноста на постојните потрошувачи, донесен од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” во Скопје на 27 мај 1991 година и
б) членовите 18-32 од Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување нови потрошувачи и зголемување моќноста на постојните потрошувачи, донесен од Собранието на Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија на 17 април 1992 година.
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на останатите одредби од правилниците означени во точката 1 под а) и б) од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и кај доносителите на правилниците на начин предвиден за објавување на општите акти.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.120/91 од 3 дфекември 1992 година, по повод поднесени иницијативи на Трпе Алексоски од Дебар, Момоза и Аце Бакиевски од Битола и Советот на Месната заедница “Козјак” од Општината Куманово, поведе постапка за оценување законитоста на правилниците означени во точкат 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
5. Во одговорот на наводите изнесени во решението за поведување на постапка, Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” наведе дека надоместоците за приклучување и за уредување на градежното земјиште се со различни намени; првиот, за трошоците што настануваат при приклучувањето објектот на потрошувачот на приклучниот орман на испорачателот на електричната енергија, а вториот, за трошоците што настануваат во врска со одржувањето на постојните и изградба на нови електроенергетски постројки и инсталации.
Понатаму, наведе дека надоместокот за приклучување, всушност, ја опфаќа занаетчиската услуга што ја дава “Електростопанство на Македонија” на новиот потрошувач така што ја приклучува неговата зграда на приклучниот орман односно преку него на електричната мрежа. Од друга страна, во поголем број општини било прифатено решението на град Скопје, според кое граѓанинот во рамките на надоместокот за градежно земјиште го плаќа и приклучувањето на неговиот објект на електричната мрежа, а средствата не се пренесувале на Јавното претпријатие, поради што граѓанинот се изложувал на непотребни недоразбирања. Ваквата ситуација настанувала затоа што Законот за градежното земјиште и програмите за уредување на градежното земјиште, донесени од општините, не овозможувале надоместокот за приклучување директно да го наплатува Претпријатието од граѓанинот-нов потрошувач.
6. На седницата Судот утврди дека со оспорените одредби од правилниците се пропишува обврска за наплатување надоместок за приклучување на нови потрошувачи односно за зголемување моќноста кај постојните потрошувачи, се определува начинот на утврдувањето на висината на надоместокот и наплатувањето на надоместокот.
7. Според член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87 и 42/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.13/93 и 15/93) односите меѓу испорачателот и корисникот на енергија се уредуваат со општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифните системи за одделни видови енергија и со други општи акти на организациите од областа на енергетиката и на самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија, во согласност со овој закон. Согласно член 38 став 1 од Законот, со општите услови за испорака на соодветен вид енергија поблиску се определуваат условите и начинот на испорака и меѓусебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот.
Со Законот и со општите акти за испорака на електрична енергија, донесени од Собранието на Заедницата за енергетика на Македонија на 4 октомври 1984 година и на 14 октомври 1988 година (“Службен весник на СРМ” бр.38/84 и 50/88) не е предвидена обврска за корисникот на електричната енергија нда плаќа надоместок за приклучување на електричната мрежа.
Според член 39 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91) уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма што ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Согласно член 40 од Законот програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следните елементи: подрачјето со поблиско определување на земјиштето што се уредува, обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на комунални објекти и инсталации, пресметката на трошоците за уредувањето, изворите на финансирањето, начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување и динамиката на извршувањето на програмата. Според член 41 од Законот уредувањето на градежното земјиште се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредување односно за употреба на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства. Согласно член 42 став 2 од Законот износот на надоместокот се утврдува со програма и не може да биде поголем од 50% од вистинските трошоци за уредување на земјиштето потребни за изградба на нови објекти на соодветната локација. Според член 43 од Законот средствата остварени од надоместокот за уредување на градежното земјиште се користат за намените утврдени со Програмата, а според член 46 став 2 по исклучок, дел од средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и на инсталациите, што се утврдува со Програмата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека преку програмата за уредување на градежното земјиште, што ја донесува собранието на општината и со која се определува, покрај другото, степенот на опремувањето на определеното земјиште со комунални објекти и инсталации, под кои, според мислењето на Судот, се сметаат и електроенергетските постројки и инсталации, се обезбедуваат средства за нивната изградба од граѓаните преку надоместоците за доделување, уредување и употреба на градежното земјиште и средствата од самопридонес и од комуналните организации. Исто така, дел од средствата на граѓаните, обезбедени преку надоместокот за употреба на градежното земјиште, со Програмата можат да се наменат за одржување на комуналните објекти и инсталации, меѓу кои и за електроенергетските постројки и инсталации. Со програмите за уредување на градежното земјиште, што ги донесуваат собранијата на општините според Законот за градежното земјиште со електроенергетските постројки и инсталација.
Со оглед на тоа што со оспорените одредби од означените правилници се предвидува обврска за сите граѓани-нови потрошувачи на електрична енергија, да плаќаат надоместок за приклучување за изградба на електроенергетски постројки и инсталација, за која се плаќа надоместок за уредување на градежното земјиште, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
Што се однесува, пак, до останатите одредби од Правилниците, Судот оцени дека тие не се во несогласност со закон, затоа што со нив се уредуваат односи соодветно на односите пропишани со закон, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
Во врска со наводот дека јавното претпријатие не ги добива средствата што општината ги обезбедува од надоместокот за уредување на градежното земјиште, Судот смета дека е тоа фактично прашање кое не е од влијание за оценување законитоста на оспорените одредби од правилниците.
8. Оваа одлука судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.